Заев за Рашковски: Доколку има какво било прекршување, ќе постапам директно

од Nikola Popovski

Одговарајќи на новинарско прашање за случајот со набавката на софтвер, премиерот Зоран Заев упати апел до секоја надлежна институција, којашто постои во државата за проверка на законитоста на постапката за случајот со Рашковски да направи конкретна проверка и да направи извештај.

„Јас, како претседател на Владата којшто го има именувано за еден од секретарите во мојот кабинет ќе постапам директно доколку има какво било прекршување“, изјави Заев од Богданци.

Тој порача дека однапред сака да стави ограда дека не треба секој да биде обвинуван, поради тоа што претходно имал создадено свој систем, го патентирал како систем, односно како процес, одредено право, го отстапил бесплатно, нормално на користење на својата земја и дека на тој начин е забрането да се спроведува постапка, за да се набави таков систем, таков софтвер за потребите на државата.

„Сакам да ја испратам пораката дека луѓето, коишто се инвентивни во државата, коишто се докажале во својот приватен и професионален план ѝ требаат на државата да бидат ангажирани“, вели Заев.

Рашковски, кој работи како секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма деновиве е актуелен во јавноста дека како генерален секретар на Владата набавил софтвер кој, иако платен, не е ставен во функција, а МВР, каде што треба да се користи, се изјасни дека не му треба. Но случајот не застана тука, туку клопчето се одмота до таму што софтверот кој го набавил Рашковски е оној што тој самиот го создал, а тоа, и покрај неговите негирања вчера, го потврди Националната асоцијација на иноватори која застана во негова одбрана.

Во меѓувреме, се појави информација дека Рашковски со семејството пред неколку дена од скопскиот аеродром заминал за Мексико, што и тој самиот вчера го потврди, објаснувајќи дека е на одмор до 31 март.

Слични содржини