Заев за „Ромањуз“: Атмосферата е смирена, С. Македонија и Бугарија ќе продолжат во европски дух за да дојдат до решение

од Nikola Popovski
180 прегледи

„Решенијата за надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија се добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите, која не задира во македонските идентитетски прашања“, изјавил премиерот Зоран Заев во интервју за порталот „Ромањуз“.

Тој нагласил дека атмосферата е смирена и дека двете земји ќе продолжат во европски дух да дојдат до решение кое до крајот на мандатот на Португалското претседателство со ЕУ ќе овозможи одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Во тој контекст, Заев ја поздравил солидарноста и поддршката на ромската заедница во однос на ова важно прашање кое ги засега сите граѓани на земјата и додаде дека претставници на ромската заедница од јавната администрација и од граѓанските организации ќе бидат вклучени во процесите на консултации кога ќе отпочнат преговорите за нашето членство во ЕУ со отворањето на поглавјата.

„Прашањето на политиките на Ромите се едни од нашите приоритетни политики кога станува збор за еднаквоста на сите наши граѓани како наша обврска и како дел од европските критериуми за почеток на преговорите и за членството на Северна Македонија во ЕУ и во тој дел очекувам секој да го даде својот придонес“, нагласи премиерот.

Досега имаме направено многу на планот на инклузијата на Ромите во општеството и во спроведувањето на Стратегијата за Ромите, рече премиерот Заев, но тоа не значи дека работата е завршена и треба да продолжиме со силно темпо да ги реализираме сите предвидени програми.

„Застапеноста на Ромите во јавната администрација од 0,75% е зголемена на 1,25%. Нашата цел е овој процент да расте и Ромите да бидат правично и пропорционално застапени. Затоа се формирани посебни центри, кадровски екипирани, за поддршка и обука на членови на ромската заедница да бидат обучени и да ги поминат административните тестови како предуслов за вработување во јавната администрација“, соопшти премиерот Заев.

Тој додаде дека ова е само дел од програмите за поддршка на вработувањето и економската самостојност на членовите на ромската заедница.

Во овој дел влегуваат и проектите за поддршка на инфраструктурните проекти во средините со  мнозинство на ромско население.

„Согласно владината одлука 10% од социјалните станови таму каде што има аплицирано Роми на повиците што ќе следат и кои ги исполнуваат пропишаните услови согласно огласот. Во тек е процес на усвојување на информацијата за распределба на 20 милиони денари од Министерство за транспорт и врски за реализација на инфраструктурни проекти во ромските населби, а во рамките на ребалансот за оваа цел настојуваме да обезбедиме дополнителни 20 милони денари наменети за типски куќи во Шуто Оризари за создавање на услови за поддржано живеење  за најранливата категорија на граѓани“, информирал Заев.