Заминувањето на нашиот пријател Јанис Бутарис е крајно тажна и лоша вест за сите нас кои веруваме во постојано и неповратно подобрување на односите меѓу народите на Северна Македонија и Грција. Како градоначалник на Солун, но и како човек и како демократ, Бутарис беше еден од првите што нѐ охрабри мене и Алексис во нашите напори да ги преземеме вистинските чекори, од Давос па сѐ до Преспа, порачал екс-премиерот Зоран Заев во изјава за грчката „Open TV“ по повод смртта на поранешниот градоначалник на Солун, Бутарис.
Како бизнисмен, додал Заев за Бутарис дека тој бил вистински визионер кој ја туркал агендата за регионална соработка и за заеднички регионален пристап за искористување на сите потенцијали што ги нудат европските фондови.
-Јанис беше и голем борец за еднаквост и човекови слободи, човек кој треба да служи како инспирација за демократски отпор во овие времиња кога екстремизмот зема замав. Нека почива во мир, ние демократите ќе го продолжиме неговото дело, кажал екс-премиерот во изјава за грчката телевизија.
Во текот на вчерашниот ден беше објавено дека Бутарис починал на 82-годишна возраст. Тој важеше за човек кој се залагаше за нормализирање на грчко-македонските односи, а при неговата прва посета на земјава во 2013 година рече дека неговите врски со земјава се сентиментални оти неговите предци биле Власи од Крушево.
Тој рече дека никогаш не крие дека неговите родители се Власи, но жали што не го зборува јазикот на неговите предци. Тој со иста страст зборуваше и за пријателите во Македонија, успешни бизнисмени, како што е Штерјо Наков, кого го знае уште од 1991.
Бутарис беше еден од најзначајните енолози во Грција. Од 2011 до 2019 година беше градоначалник на Солун, а во два наврати беше и општински советник, од 2003 до 2011 година, па повторно од лани до својата смрт.