Заев: Заврши времето на закани, Аеродром и Скопје слободно ќе гласаат (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
157 прегледи

Гасификација на Аеродром и Скопје, поддршка во спортот, намалување на загадувањето, чист воздух, подобрување на сообраќајот преку изградба на нови сообраќајници, нов водовод, колекторски систем…, ветија вечерва пред аеродромци лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и кандидатите градоначалниците на Скопје и на Аеродром Петре Шилегов и Златко Марин.

– Барам поддршка од вас да го продолжиме она што заедно го започнавме. Крикот за победа го испрати Аеродором на 11 декември 2016 година – рече Заев и потсети дека времето на закани заврши и дека сега граѓаните ќе гласаат слободно без опструкции, без уцени и притисоци.

Заев пред аеродромци вети поддршка за малите бизниси затоа што, како што рече, токму малите бизниси носат егзистенција за младите луѓе и тоа е решение за проблемите со невработеноста.

Дека има кредибилитет за ова што го зборува, претседателот на СДСМ рече дека доказ му е сработеното во изминатите три месеци иако, според него, затекнале урнисана и разнебитена држава, како и буџет во кој нема пари за пензии, за плати, за социјална и здравствена заштита.

– Веднаш за три и пол месеци го стабилизиравме буџетот и тој повеќе не е загрозен. Ја вративме дневната евтина тарифа, осум милиони евра пари пуштивме како заштеди назад кон сите граѓани во Република Македонија. За три и пол месеци ги донесовме законот за минималната плата која изнесува 12.000 денари. Со овој закон ги отвораме спиралите на покачување на платите – рече Заев.

Според него, недозволиво општина Аеродром која е една од поголемите урбани јадра на главниот град да има проблеми со водата, канализацијата, со загаден воздух. Тој на аеродромци им вети дека од 1 јануари кога согласно новиот закон за спорт што ќе биде донесен ќе воведе ваучерии за помагање на спортските клубови, како на професионалните така и на кадетските и школските лиги.

– Секоја година Министерството за финансии во јануари ќе ги подели ваучерите на репрезентациите, клубовите и лигите кои ќе бидат на општинско ниво во вкупна вредност поголема од 20 милиони евра. Ваучерот ќе го добие секој клуб преку спортските работници, а фирмите во Македонија ќе имаат опција за 35 проценти од својата добивка да изберат да откупат ваучер, и тоа се повеќе од 40 милиони евра вкупно ослободени данок на добивка на фирмите во Македонија – истакна Заев.

Како следна мерка за подобрување на спортот Заев најави дека еден денар од цигарите и од алкохолот и лиценците од кладилниците ќе одат во фонд за спорт којшто ќе биде управуван директно од спортистите и спортските работници.

Тој пред аеродромци вети гасификација на градот Скопје и Аеродром, па дури по колективните згради воведувајќи го и директно колекторскиот систем којшто значи опционо загревање и производство на струја заедно. – Ова го применува целиот свет, замена на огревното дрво и штетните материјали за греење со евтини енергенси коишто истовремено се и еколошки енергенси, рече Заев.

Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром Златко Марин пред своите сограѓани потсети на повеќе недостатоци во општината кои, според него, во 21 век е срамота да се случуваат. Тој ги нагласи проблемите со вода за пиење, атмосверската канализација,…

– Ветуваме дека ке го запреме геадежниот хаос, ќе ги урбанизираме запуштените делови во општината, ќе ја обновиме водоводната мреже, а имаме план и за подобар живот – рече Марин.

Најави дека ќе се пробиваат булеварите АСНОМ и Февруарски поход, поврзување на општините Кисела Вода и Аеродром, и изградба на два моста. Тој во неговиот мандат рече дека ќе изгради две нови градинки, средно училиште и ќе даде финансиска поддршка за млади до 32 години.

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов пред аеродромци рече дека целта на СДСМ е да се врати животот во Аеродром, Скопје и Македонија за сите граѓани и порача дека нема да дозволи децата да ги напуштаат општините во Македонија поради неодговорни политики.

– Ќе градиме со план и темелно. Системски ќе обезбедиме чиста вода и чист воздух – рече Шилегов и додаде дека Скопје ќе стане европски град.

Претходно, на митингот во Кисела Вода Граѓаните Заев побара граѓаните да се приклучат на патот кој носи живот за да се комплетираат промените и да се почувствуваат позитивните резултати во секој крај на Македонија. Посочи дека тимот на кандидати за градоначалници што го номинира СДСМ и коалицијата ја имаат неговата поддршка и споделени знаења од долгогодишното искуство што тој го има во успешно водење на општина

– Сакам и можам да ве уверам, Кисела Вода може поинаку. Кога зборуваме за акцијата за живот, за нашите мерки, тоа е навистина за животот на секој од нас. Можеби денес е најважно вработувањето, но утре е најважна работата преку урбанизмот во општината. Затоа велиме градиме по план. Задутре е важно да биде кренат сметот пред куќата. А најважно децата да ни имаат соодветна настава и достојни хигиенски услови во училиштата. Затоа општините се важни, да бидат сервис за сит -, рече Заев.

Капацитетите на општините, според него, не се целосно искористени од причини што запоставен е локалниот економски развој, а како пример го посочи градот Скопје за кој рече дека дека поседува три пати поголем капацитет и потенцијал, од она што досега е сработено.