Знамето на НАТО кренато на денешен ден пред две години пред Владата е симбол и потврда на државничката одговорност и силниот патриотизам на сите претходно донесени одлуки врз основа на кои станаа остварливи двата најголеми државни интереси – членството во НАТО и ЕУ. Северна Македонија, е 30-та, членка на НАТО, и целосно е посветена на своите обврски како рамноправен сојузник на Алијансата, објави денеска на Фејсбук премиерот Зоран Заев.
-На 12 февруари 2019 година, пред Владата на Република Северна Македонија, беше кренато знамето на НАТО, што следуваше откако на 6 февруари истата година, амбасадорите на земјите-членки на Алијансата во Северно-атлантскиот совет, го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија за членство во НАТО.
Благодарејќи на храбрите одлуки, коишто се потврдија преку договорот од Преспа, нашите сојузници нѐ прифатија како Македонци, со нашиот македонски јазик, во духот на најсуштинските западноевропски демократски вредности. Ја реализиравме нашата стратешка цел на надворешната политика и ги зацементиравме основите за зголемена стабилност и просперитет на нашата држава во време на предизвикувачки околности.
Денес Северна Македонија, како 30-та, полноправна членка на НАТО, е целосно посветена на своите во поделбата на своите обврски како рамноправен сојузник, и придонесува како достоен и доверлив партнер во операциите и мисиите на Алијансата, напиша Заев.