„Би била голема грешка повторно да се стопира европскиот пат на Северна Македонија. Мора да се инсистира да се спроведе преговарачката рамка“, вака изјавила за „БТВ“ поранешната шефица на бугарската дипломатија и потпретседателка на партијата ГЕРБ, Екатерина Захариева.
Според неа, правилна одлука е прифаќањето на францускиот предлог од страна на ЕУ за преговарачката рамка со Македонија.
„Ова ја ескалира ситуацијата во Северна Македонија на некој начин, што уште еднаш кажува дека овој предлог е правилна одлука. Тамошните власти треба да се обидат да ја смират тензијата, а не да ја ескалираат. Додека не го признаат проблемот и не почнат да работат, нема да го решат“, рекла Захариева.
Според неа, барањето на лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов да се врати ветото им помага на радикалите во Македонија.