Со признавањето на македонската држава, Бугарија го призна и македонскиот јазик, вели во интервју за БТВ, шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева. Прашана дали Бугарија ќе прифати постоење на македонскиот јазик како посебен, нешто што во минатото постојано беше негирано, министерката за надворешни работи изјави дека нема никаков проблем јазикот да биде признаен.

„За јазикот не гледам каков е спорот? Така како што е потпишана декларацијата, така е предлогот. Македонскиот јазик е дел од Уставот на Република Македонија. Дали тоа значи дека го признаваме Македонскиот јазик? Македонскиот јазик е дел од Уставот на Македонија. Ние сме ја признале македонската држава, што значи дека го признаваме и нивниот Устав.

Да, ја празнуваме заедно историјата. Тоа е европскиот начин. Никој не ја одрекува историјата, ниту на Бугарија, ниту на Македонија. Никој не одрекува дека имаме заедничка историја, кој историчар ќе го одрече тоа?“, истакна Захариева.

Захариева вели дека посетата на Зоран Заев на Софија беше историска, не само затоа што од 2013-та година премиер на Македонија не бил во Бугарија, туку затоа што била покажана добра волја од двете страни. Шефицата на бугарската дипломатија во интервјуто вели дека Бугарија ќе пружи помош секогаш кога тоа ќе го побара Македонија.

Сите детали од договорот што според најавите ќе се потпише на 2-ри август, не се познати ниту во македонската ниту во бугарската јавност, меѓутоа признавањето на јазикот, една од спорните точки во минатото, пред неколку дена го најави и македонскиот министер за надворешни, Никола Димитров. Иако не сакаше да навлезе подлабоко, Димитров, сепак изјави дека договорот се гради врз основа на Декларацијата потпишана во 1999 година, во која се наведува македонскиот јазик.

„Договорот нема да оди назад, од таа декларација. А и за другото прашање на различни начини ќе има определени соодветни рамки“, истакна Димитров.

Според двете инволвирани страни добрите односи меѓу соседите се клучот за интеграцијата на Македонија во Европската унија и НАТО, нешто што Брисел со години го бара од македонските власти, а беше тема и при неодамнешната посета на премиерот Заев на Брисел.

Освен со Бугарија, Македонија ги обнови и релациите со Грција кои извесен период беа замрзнати, а се едни од клучните за решавање на спорот за името и отворање на европските врати за Македонија.