Захариева: РСМ треба да се реформира, гаранциите да се вклучат во преговарачката рамка

од Берта Китинска
463 прегледи

Во интерес на Бугарија е РС Македонија да се реформира. Единствената рамка за спроведување на овие реформи е Европската Унија. Не почувствував двоумење во ставот на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска за РСМ, но се чини дека има мала неусогласеност за прашањето меѓу МНР и Советот на министри. Имплементацијата на Договорот за пријателство и добрососедство, кој ги обезбедува основните човекови права, мора да стане дел од Преговарачката рамка, вели поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во интервју за бугарската агенција Бгнес.

Добро е да се видат резултатите, а потоа да се биде оптимист. Вклучувањето на гаранциите што Бугарија ги сака во преговарачката рамка е многу важен резултат. Фокусот на Скопје не беше да ги започне преговорите за ЕУ, туку да не ги вклучи барањата на Бугарија во Преговарачката рамка, вели Захариева.

Захариева вели дека и упатила прашање на министерката Генчовска за преговарачката рамка, бидејќи повеќе од месец и половина за тоа ништо не е спомнато ниту од страна на МНР, ниту од Министерскиот совет.

„Со РСМ имаме нерешени билатерални прашања и според гледиштето на Скопје, овие прашања се билатерални и немаат место во Преговарачката рамка. Правото на самоопределување е европска вредност, тоа е човеково право. Имплементацијата на Договорот, кој ги содржи основните човекови права, исто така мора да стане дел од рамката за преговори. Мојот апел до министерката Генчовска е: не заборавајте на преговарачката рамка!“, порачува поранешната шефица на бугарската дипломатија.

Според неа, прашање на време било кога ќе излезе во јавноста конфликтот меѓу претседателот Румен Радев и премиерот Кирил Петков. Таа смета дека причината за тензијата меѓу двајцата не е РСМ.

„Тоа е прилично испровоцирано од судирот меѓу двете енергетски лобија – претседателот Румен Радев и владата или вицепремиерот Асен Василев. За жал, тоа не беше диктирано од РСМ како принципиелна позиција, туку од тоа кој ќе биде извршен директор на Булгаргаз“, додаде Захариева.

Слични содржини