Бугарскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Екатерина Захариева категорично се разграничи од предизборното видео на европратеникот Ангел Џамбаски.
Сепак, Захариева ги повика властите во Скопје да не воведуваат „информативен мрак“ и силно да се оградат од скандалозните обвинувања на таканаречениот институт ИФИМЕС во Љубљана, во кој Бугарија и Германија се нарекуваат „мафијашки држави кои го сакаат нацизмот“.
БГНЕС го објави целиот текст на позицијата Екатерина Захариева:
„По повод нотата добиена од амбасадата на РСМ во Софија во врска со изборното видео на европратеникот Ангел Џамбаски, Министерството за надворешни работи сака да каже дека смета дека материјалот за кој станува збор е несоодветен. Нагласуваме дека пораките изразени во видеото не го изразуваат официјалниот став на бугарската влада.
Бугарија нема територијални претензии кон другите земји и тоа постојано се декларира.
Забележуваме дека ова видео од бугарски политичар доаѓа по 3-дневниот молк на владата на РСМ, за кој повикавме да се разграничи од клеветничките публикации на словенечката невладина организација „Меѓународен институт за Блискоисточни и балкански студии“.
Владата во Скопје не само што не ги осуди предметните публикации, туку го нарече институтот „реномиран“, кој напаќа со лаги две земји-членки на ЕУ: Бугарија и Германија. Исто така, забележуваме целосен мрак во медиумите на Република Северна Македонија во врска со бугарскиот демарш по повод словенечката невладина организација, што сведочи до кој степен властите во оваа земја-кандидат за ЕУ толерираат плурализам и право на слободно изразување“, рече бугарскиот министер за надворешни работи.
Владата на Република Северна Македонија пред неколку дена ја оцени како несоодветна постапката да биде повикан на разговор вршителот на должноста амбасадор на нашата земја во Софија Владимир Крстевски во бугарското Министерство за надворешни работи за ставови изразени oд трета страна, во анализа која никако не е поврзана со Владата, а е изготвена од Институтот за балкански и блискоисточни студии (ИФИМЕС) од Љубљана.
„Навистина, ИФИМЕС беше ангажиран како реномиран институт за советодавни услуги врз основа на анализите за политиките за превентивната дипломатија и градење мерки на довербана регионално и глобално ниво, но нивниот договор со Владата на Република Северна Македонија заврши во 2019 година. Веќе две години овој институт нема никаков ангажман поврзан со работата на Владата, ниту било каков правно обврзувачки обврски со Владата и со Канцеларијата на претседателот на Владата. ИФИМЕС и пред 2019 година никогаш не бил ангажиран за анализи поврзани со односите меѓу Северна Македонија и Бугарија“, посочија од Владата.