Москва и Белград продолжуваат со заедничкото барање оптимално решение за надминување на проблемите што ги создаде американската администрација со санкциите против српската нафтена индустрија. Пред нас е сложена задача, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Во сегашните околности, ние и нашите српски партнери мора да бараме најдобро решение за надминување на вештачки создадените проблеми на американската администрација. Убедени сме дека нашите српски пријатели, како нас, се искрено заинтересирани за заштита на нашите билатерални односи од надворешно мешање. Кога станува збор за НИС, ние продолжуваме со потрагата по оптимално решение со Белград. Пред нас е тешка задача“, рече Захарова, објави РИА Новости.
Таа нагласи дека во потрагата по решение ќе се потпираат на меѓувладиниот договор од 2008 година, почитувајќи ги интересите и на Русија и на Србија.
Москва, додаде таа, отсекогаш одговорно пристапувала кон работата на НИС и била свесна колку е важно успешното функционирање на оваа компанија за Белград во секоја смисла, пишува руската агенција.
Според неа, енергетиката останува една од клучните насоки на руско-српската соработка.
Таа вели дека Русија со децении е сигурен снабдувач на нафтени производи за Србија, обезбедувајќи енергетска стабилност како неопходен услов за конкурентен економски развој на Србија.
„Во еден момент, токму благодарение на напорите на рускиот инвеститор, НИС се претвори од компанија со загуба во модерна и ефикасна структура во секторот за рафинирање на нафта, лидер во таа индустрија на Балканот. Потсетуваме дека приватизацијата на оваа компанија беше спроведена врз основа на руско-српски меѓувладин договор од 2008 година, додека Вашингтон никогаш немаше никаква врска со овој бизнис“, додаде Захарова.
Утрото на 9 октомври, НИС објави дека санкциите на САД, кои беа одложувани неколку пати, сега стапија во сила. Во петок, на иницијатива на српските членови на одборот на директори, се одржа вонредна седница на одборот на директори на НИС посветена на бизнис плановите под санкции.