Захарова на протестите во Србија: Обид за „мајданизација“ според шаблоните од западните прирачници

од Stefanija Kuzmanovska
207 прегледи

Портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова денеска изјави дека протестите во Србија се организираат според претходно користени „шаблони од западни прирачници“ и дека Европската унија и САД не се способни да посредуваат во дијалогот меѓу Србија и Косово.

„Една недела по вонредните избори за Собрание на Република Србија, под изговор дека се случила наводна измама, се направи обид да се ‘мајданизираат’ уличните протести во Белград“, рече таа на прес-конференција.

Захарова смета дека во улога на поттикнувачи, „според воспоставената практика“ имало таканаречени активисти мобилизирани од различни структури кои се финансирани и контролирани однадвор.

„Тие користеа познати шаблони од западни прирачници кои веќе се имплементирани многу пати во многу земји, со неизбежно трагични резултати“, рече таа, додавајќи дека изборите немаат никаква врска со тоа.

Според неа, тие луѓе вршат насилство врз Србија, српскиот народ, врз службениците на министерството за внатрешни работи и другите органи кои ја исполнуваат својата должност да ги заштитат граѓаните.

Захарова рече дека ситуацијата со посредништвото на Европската унија меѓу Србија и Косово се развива тажно и оти Брисел го одложува постигнувањето компромис меѓу страните.

Таа рече дека, доколку е автентичен, документот, кој беше претставен како нацрт-повелба за формирање на Заедницата на српските општини на Косово, ја одразува „апсолутната немоќ“ на САД и ЕУ.

„Западното посредување за изнаоѓање решение за Косово е навистина очајно. Во него ја гледаме апсолутната немоќ на САД и ЕУ, кои не можат да го решат проблемот и тврдоглаво ја принудуваат Србија на очигледно неприфатлив исход по цена на напуштање на основните национални интереси“, наведе Захарова.

Слични содржини