Севернокорејските војници учествуваа во операцијата за ослободување на Курската област во согласност со четвртиот член од Сеопфатниот договор за стратешко партнерство потпишан во јуни 2024 година, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Севернокорејските војници учествуваа во операцијата за ослободување на граничната област во согласност со член 4 од Сеопфатниот договор за стратешко партнерство потпишан во јуни 2024 година. Солидарноста што ја покажаа нашите севернокорејски пријатели е манифестација на високото, вистински сојузничко ниво на нашите односи. Уверени сме дека нашите односи ќе продолжат да се зајакнуваат и развиваат во иднина“, рече таа.
Да потсетиме, рускиот претседател Владимир Путин вчера објави дека Русија целосно го ослободила Курскиот регион. Веста за целосното заземање на Курск му ја соопштил на Путин началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, според руската државна новинска агенција ТАСС.
Украинската инвазија во руската Курска област, која започна на 6 август 2024 година, претставуваше најзначајниот копнен напад на украинските редовни сили на руска територија од почетокот на инвазијата во 2022 година и прв таков инвазија на руска почва по Втората светска војна.
Украинските сили започнаа изненадувачка офанзива, преминувајќи ја границата со поддршка на тенкови и оклопни возила, и брзо напредуваа 35 километри длабоко во регионот, заземајќи околу 1.376 квадратни километри територија и повеќе од 80 населени места, вклучувајќи го клучниот град Суџа, а потоа и Корењево.