Северна Македонија има намера да и испрати на Украина 12 воени хеликоптери Ми-24 од руско производство, кои Скопје ги набави од Украина во 2001 година.
Четири хеликоптери беа подложени на модернизација на НАТО. Како што пишува московскиот Комерсант, Северна Македонија веќе испратила четири авиони Су-24 и неколку тенкови Т-72 во Украина, кои своевремено ги набавила од Украина. Македонската влада наскоро треба да расправа за донацијата на хеликоптери.
– Според нашите планови за модернизација, целата опрема што е донирана досега е при крај, нема да биде составен дел од нашето вооружување и многу е извесно дека би требало да ја ставиме надвор од употреба или да ја уништиме – изјави македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска.
Таа рече дека вредноста на хеликоптерот е околу 30 милиони евра и дека САД неодамна одобриле околу 140 милиони долари за модернизација и набавка на нова воена опрема за македонската армија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и му се заблагодари за помошта, а од друга страна пак, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека „одлуката ја смета за голема грешка на македонската влада“.
Но, од Скопје порачаа дека „Северна Македонија е суверена земја која може самостојно да носи одлуки“.