Ќе ми биде предизвик да бидам првата жена претседателка на партијата, вели пратеничката и потпретседателка на ЛДП, Моника Зајкова во разговор за „Локално“, откако лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски потврди дека се повлекува од партијата и Владата.
-Либерална-демократска партија е исправена пред предизвици за промени кои ќе донесат нови политички и социо-економски програми. До крајот на годината претстои изборен Конгрес на кој членовите, органите и телата ќе донесат одлуки за идното делување на партијата. Секоја одлука ќе биде донесена во координација и со поддршка на членовите и актуелниот претседател Милевски.Доколку се донесе одлука да бидам избрана за претседателка истата ќе ја почитувам и ќе работам согласно либералните постулати. Воедно ќе ми биде предизвик затоа што ќе бидам првата жена претседателка на партијата, посочува таа.
Таа појаснува дека ЛДП е прогресивна партија која секогаш е отворена за промена и нови луѓе и за „секоја индивидуа која ја поддрджува либералната идеја“.
-Во минатото и до денес ниту еден претседател на ЛДП не покажал авторитарност и страв од промени. Сепак крајната одлука за тоа кој ќе биде изборот ја има Конгресот.Во партијата нема раздор. Различните мислења или ставови се одраз на високото ниво на внатрепартиска демократија. Сепак секоја одлука била единствена и помината низ партиските тела. Претседателот Милевски јасно посочи дека неговото повлекување од министерската позиција е лична негова одлука, вели пратеничката.
Исто како и Милевски, Зајкова potencira дека членовите на партијата како и раководството е во секојдневна комуникација и заеднички ги носат одлуките за делувањето на партијата и во интерес на граѓаните“, додавајќи дека така ќе остане и во иднина без оглед на одлуката кој понатаму ќе ја води партијата.
Во врска со информациите дека за нови министер за локална самоуправа во најтесна конкуренција се двајца кандидати, меѓу кои е и поранешниот партиски лидер и скопски градоначалник Ристо Пенов, пратеничката посочува дека сите поранешни претседатели помагаат со свои предлози и мислења и се дел од партијата.
-Во моментов не би шпекулира ничие име, сепак партијата има постапка која ја спроведува при изборот на функционери. Факт е дека Ристо Пенов никогаш не заминал од партијата и како и сите поранешни претседатели на ЛДП учествувал во давањето мислења, предлози и совети, појаснува таа.
Б.М.