И денеска нови закани за експлозивни направи во повеќе училишта низ државата, информираат од МВР.
Во Министерството за внатрешни работи денеска до 14:40 часот било пријавено дека на електронските адреси на 16 училишта во Скопје и четири училишта во Прилеп е упатена закана за поставена експлозивна направа.
– Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, соопштија од полицијата.
Од 26 октомври лани, анонимните пораки за поставени бомби во земјава најпрвин почнаа да стигнуваат до основните и средните училишта речиси секој ден во работните денови, а мета станаа и трговски и деловни центри, државни институции, спортски објекти, полициска станица и Меѓународниот аеродром Скопје.
Сите досегашни дојави се покажаа како лажни.
Како одговор на тоа, Владата веќе формира оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани со кој ќе раководи Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи (МВР).