ЗАКАНИ ЗА ВОЈНА ИЛИ ОБВИНУВАЊЕ ЗА КОРУПЦИЈА? „Сосема е проалбански чин ако се укажува на криминали на претставниците на Албанците во власта“

од Nikola Popovski
410 прегледи

Антиалбанска хистерија и поттикнување на војна или обвинување за криминали и корупција? Веќе неколку денови ваквиот наратив се протега на релација ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И додека од „Мала Речица“ го обвинуваат потпретседателот на најголемата опозициска партија Александар Николоски за повикување на војна од Собранието, во дел од јавноста излезе едно видување дека „нема поголем проалбански чин од тоа да ги пријавуваш, обвинуваш и детектираш албанските функционери за корупциски скандали“.

Аналитичарите кои ги контактираше „Локално“ сметаат дека ваквите обвинувања за војна не треба да се сфаќаат сериозно. Политичкиот аналитичар и новинар Веле Митаноски во разговор за нашата редакција изјави дека ова не е повеќе од една вообичаена ПР практика.

Веле Митаноски

-Тука нема ништо суштински и едните и другите имаа цел да се приграбат до власта и ресурсите. И на едните и на другите не им е туѓо денес да се напагаат, а утре да коалицираат. Тоа е веќе видено, тоа ако се создадат такви услови ќе се повтори, без око да им требне. Ништо повеќе од забава за народ. ДУИ за цело време откако постои е во власта, освен еден краток период 2006-2008, но токму со ВМРО ДПМНЕ го распуштија парламентот со т.н. Мајски договор, односно колаицирање – победник со победник. Едно време го практикуваа, па го прекршија, утре пак ќе му се вратат. Нивната идеологија е да се биде блиску до државната чешма и што повеќе вода да се наврти на партиската, а потоа на националната воденица. Тука нема ништо прозападно и демократско, ни рече Митаноски.

Аналитичарот се согласува дека е сосема „проалбански“ чин, ако се укажува на криминалите на претставниците на Албанците во власта.

-Што фајде имаат од тоа Албанците како популација. Што фајде имаат Албанците од тоа што Артан Груби го опремил својот кабинет како да е капсула на Спејс-шатал? Што фајде имаат обичните граѓани што еден неизживеан бирократ, се луксузира врз грбот на сиромаштијата, сеедно дали Албанци, или Македонци го полнат буџетот. И самите тоа го велат. Следете што пишува Џевдет Хајредини, Албанец, но човек со демократски убедувања и добронамерен кон интересите на државата. Зарем Меџити и останатите од Огнената група не се Албанци. И нив им пукнал филмот, укажува Митаноски.

Соговорникот ја коментира и синоќешната изјава на лидерот на АА, Арбен Таравари кој постави прашање кој е лидер на ВМРО-ДПМНЕ во моментов – Мицкоски или Николоски и апелираше до Николоски да појасни зошто само неговото име не е вмешано во прислушувањето.

-Ниту сум фан на Николоски, ниту сум верувал дека тој човек, само за да добие неколку министерски места и да се добере до фондови од кои ќе ја крепе партијата, ќе се преобрати толку драстично, од Павле во Савле. Сите ние имавме сознание дека господинот Таравари е добар лекар и градоначалник, добронамерен граѓанин кој иако е Албанец мисли на интересите и интегритет на Македонија, земјата која му доверила да биде министер. А кој е лидер на ВМРО ДПМНЕ е прашање на партијата, а не на нас како поединци и сеирџии, не и на господинот Таравари. А зошто Николоски не бил вмешан во прислушкувањето е чисто реторичко и невкусно прашање. Тоа е исто како јас да кажам зошто само за ДУИ и нивните функционери не се објавија снимки и зошто од таа партија скоро и да нема функционер на оввинителна клупа, посочи Митаноски.

Зоран Иванов

Новинарот и аналитичар Зоран Иванов оценува дека на Македонија баш не ѝ се пишува добро со вакви „собраниски“ политики “ од страна на највлијателните политички субјекти.

-Збор не слушнавме за реформи, за градење одржливи системи во сите сегменти, институции кои не ќе зависат од дневните политики. Во ваквите меѓупартиски глодања може да е вистина се` исто толку колку што може да биде се` невистина. Криминалот нема етничка боја па обвинувачите обвинувањата треба да ги достават до надежните институции и, притоа, на приговорите дека тоа не го прават будејќи се тие партизирани, еве им можност самите да си се запрашаат како дојде до нивна партизираност и кои се партиципиенти вложуваа во партизираност на државата, вели Иванов за „Локално“.

Смета дека немаме ништо од паушали освен непродуктивна „политичка забава“.

-Политичарите треба да се одговорни и да ги користат, а така и да ги јакнат, институциите за процесуирање на обвинувањата. Без тоа се е плитка, проѕирна партиска кампања од која страни таа и` да доаѓа, констатира соговорникот.

За говорот на Николоски во Собрание за кој дел од јавноста процени дека наликува на заплашување со нова војна, Иванов вели дека ништо не е обично.

-Реториките се продукт на креациите по партиските штабови. Дечкото е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Од локалните избори наваму таму е се` подредено што поскоро да се дојде на власт. Да се запоседнат државниот буџет и институциите и да се подјармат под партиска директива. Веќе видено од стилот на владеење на оваа партија. Но таквите говори потпалуваат одредени кругови, иритираат нечии страсти па не би се изненадил ако наскоро на некој спортски натпревар или во градски автобус на меѓу национална релација меѓу младите повторно почнат да се случуваат режирани или спонтани меѓуетнички инциденти, смета новинарот.

Јове Кекеновски

Од друга страна професорот Јове Кекеновски смета дека ДУИ апсолутно не може да биде во право со нивните констатации.

-ДУИ ако е на власт толку години мора да научи да трпи објективна критика бидејќи не се однесуваат против Албанците туку генерално за начинот на нивното функционирање во Владата и доминацијата која што ја имаат во извршната власт. За жал поради попустливоста на македонските партии, ДУИ доминираше и имаше премиер во сенка што значи секогаш имавме двоглава извршна власт. Посебно тоа доминира во последната година со доаѓањето на сегашниот премиер кој повеќе се посвети на надворешните проблеми, а за возврат Груби ги врши сите работи во однос на внатрешната политика. Сосема оправдани се незадоволствата на дел од групацијата во ДУИ која од ден на ден се повеќе се зголемување, кажа Кекеновски за „Локално“.

Порачува дека „ДУИ ќе почнеа со расчистување на криминалот во своите редови, да беа чесна политичка групација“.

-Од нивните редови произлегуваат сериозни индиции за сериозни сторени криминали. Ќе потсетам како Заев на времето говореше за сегашниот министер за надворешни работи, тогашен министер за здравство за проневерени 20 милиони евра. За да преку ноќ се заборават сите тие обвинувања, оценува Кекеновски.

Професорот смета дека Николоски во Собранието е „последен кој би повикал на албонофобство или војна“.

-Не знам дали е пи-ар, не ја знам таа изјава. Не сакам да верувам дека во таа насока, претпоставувам дека е погрешно протолкувана таа изјава. Знаејќи го човекот, мислам дека тој ќе биде последниот кој би направил такво нешто, додаде Кекеновски.

Н.П.

Слични содржини