Заклучоците на ЕУ како повик за предвремени избори и демократско уривање на режимот

од Nikola Popovski
221 прегледи

Вчера, конечно, после предолги 6 месеци живеење во тоталитарниот режим на мицковистичко ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, ние, обичниот народ, добивме радосна вест. И тоа, ниту помалку ниту повеќе, туку од – Европската Унија! Се чини дека дури и на вообичаено бавната и дипломатски внимателна ЕУ и здодеа уште да ги слуша политичките лаги и ги гледа пропагандните простачки финти а ла Итар Пејо од али експрес за припрости гласачи од страна на режимот, па мораше вчера преку кристално јасни и семантички еднозначни заклучоци  уште еднаш да им каже на нормалните луѓе овде дека всушност со овој режим – нема да има ЕУ. И крајно време беше. Тоа што нам ни е одамна јасно – посебно после циркузантските протести против ЕУ-францускиот предлог со цел манипулирање на припростите гласачи за изборите, во што, за жал, успееја – дека мицковистичко дпмне и оние другите од антинародната власт  немаат намера Македонија да биде во ЕУ – изгледа дека конечно и станува јасно и на самата ЕУ. Тоа е добра вест за нас, белким сега конечно ќе сторат нешто конкретно за народот овде кои е подложен на дејства на режимот кои се антидемократски, тоталитарни, диктаторски, деспотски – посебно кога претставници на тој режим јавно на владини говорници и тужат, и судат, и апсат пред воопшто и да започне некоја правосудна постапка, што навистина влева страв кај обичниот народ. Македонија, ние, мораме посилно да го изразиме стравовладењето, да дознае цел свет а не само ЕУ, дека овде на дело е нешто невидено досега на тлото на Европа во поновата историја, уште од времето на Чаушеску и Енвер Хоџа.

Но дека сепак почнале да ги слушаат лелеците на осиромашениот,тиранизиран и напатен народ што живее под јаремот на режимот, станува очигледно после вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, пред официјалниот самит кои почнува денес. Во нивните заклучоци кои ќе бидат поставени на заедничко усвојување на министрите од ЕУ односно потврдени на самитот деновиве, се наведени речиси сите аспекти на функционирањето на диктатурата овде, сите проблеми кои ги живееме и трпиме на своја кожа секојдневно. Па така, таму се наведени потребата да се обезбеди независност и непристрасност на судството, реформа на јавната администрација наместо бруталната партизација на институциите на системот што ја спроведе режимот, па се до барање за забрзување на процесот на промената на Уставот односно, според вокабуларот на мицковистичко дпмне за време на хистеричните протести – се бара брзо внесување на Бугарите во Уставот! На уште поголема радост, во еден од заклучоците на ЕУ се повикува, за првпат во овие 6 месеци, што е мошне охрабрувачки за нас, народот, а истовремено мошне лошо за перцепцијата на режимот кој владее во Македонија во државите од ЕУ – „потреба од зајакнување на слободата на медиумите и слободата на изразување“ (sic!!). Да повторам заради огромното мултидимензионално значење – ЕУ бара режимот да овозможи слобода на медиумите и слобода на говор/јавно изразување!

А дека доминацијата и окупацијата на јавно-медискиот дискурс од страна на антидемократскиот режим е голема, покажува токму едноставниот факт дека за овие заклучоци на ЕУ нема да можете да прочитате и слушнете од нивните режимски медиуми, посебно на онаа клика која плаузибилно може да се нарече ,,курирско репбликанско експресно нелидерство“, а уште помалку на речиси сите ТВ со национална концесија. Во нив не се објавија овие заклучоци на ЕУ, барем до моментот на пишување на овој текст, а и ако нешто деновиве објават,тоа ќе биде пропагандистички изманипулирано, извадено од контекст, невистинито, со инструментализирани (квази) објаснувања и слично. На пример, доволно е само да го отворите најпознатиот и апсолутно најчитаниот интернет агрегатор на вести и ќе видите дека во нивните ждановистички парталчиња оваа добра вест за народот ја нема. Ја нема, затоа што е многу,многу лоша вест за нив, измеќарите на режимот, спахивчињата, (Хана Арентовските) гаулајтерите на диктатурата. Овој поразителен факт за медиумска цензура во 21 век претставува силен аларм дека една од првите задачи на здружената опозиција и народот, секој од нас, мора да биде демонополизација на вистината и информациите односно ослободување од медиумската тиранија на оваа власт.

Во заклучоците на ЕУ се бара и деолигархизација на државата, што значи дека и таму дознале дека овој режим во голема мерка се темели и на поддршката од олигарсите и крупниот капитал. Се разбира, сите знаат дека режимот и се оддолжува на олигархијата со унгарски скапи кредити, со високи камати кои ќе ги враќаат и нашите правнуци, како и со редица законски поволности преку кои го зголемува уште повеќе нивните и онака огромни профити. Сите знаат и дека оваа пародија со некакви (реално празни) потрошувачки кошнички се само ефтина претстава среде огромната инфлација, ненормално високи цени на сите производи и смешни покачувања на плати на јавната администрација, за разлика од 78 проценти за режимските функционери. Ова драстично осиромашување на обичниот народ – а тоа се сите кои не се функционери или прислужници на режимот или олигарси – нема да може уште долго да го контролираат преку симулакрумите на гебелсовската медиумска пропаганда, посебно ако ЕУ воведе некакви казнени мерки и ги запре фондовите, што е за очекување заради се поотвореното анти-ЕУ делување и приклонување кон некакви регионални оски, читај деспотии во 21 век. Ова антинародно фаворизирање на профитот на олигархијата што како последица предизвикува огромна сиромаштија кај народот, нас, обичните луѓе и даночни обврзници, е симптоматична и од друга перспектива. Имено, тие партии кои го сочинуваат режимот наводно се, нели, демохристијански, народни, демек се грижат за националните интереси и слично, а всушност се тотална спротивност на сето тоа – тие се против обичниот народ. Итро, со политички лаги „патриотски“ ги манипулираат и гласачки искористуваат, додека веќе следниот ден смислуваат нови методи и начини и одлуки со кои ги збогатуваат и онака енормно богатите бизнисмени. Тоа покажува дека на нив народот, гласачите, и не им се воошто битни туку парите – веројатно мислат дека лесно можат да ги лажат нивните, за волја на вистината, стварно припрости гласачи, а со многу пари да ги добиваат изборите и со тоа да се богатат и самите. Оваа гласачка шизофренија првенствено на нивните гласачи – кои гласаат за наводно подобар секојдневен живот а секојдневно осиромашуваат, се разбира, не важи единствено за новата класа на политичките бизнисмени од режимот.

Во секој случај, овие заклучоци на ЕУ, без никакво сомневање, се голем удар за диктаторскиот режим. Напроти сите нивни обиди за лажно претставување на состојбите во Македонија преку дење-ноќе летање со авион на Тимчо и другите режимски функционери со цел да даваат лажни слики и информации за диктатурата овде, претставувајќи ја како демократија, очигледно е дека за наша среќа сеуште има апсолутно објективни извори на информирање на кои ЕУ ги темели своите заклучоци (за разлика од САД и нивната амбасадорка овде која напати делува, така да се каже,  како да е од унија на жени на дпмне). Истовремено, овие заклучоцина ЕУ се голем поттик за нас малубројните кои имаме смелост да говориме и пишуваме аргументирано против режимот кои ја задушува слободата и демократијата. Во наредниот период би требало, барем да се надеваме, да  следуваат и други форми на поддршка на сите овде кои се против антинародниот режим, посебно на деморализираните и уплашени опозициски партии.

И така, вчера беше убав ден, народе Македонски! ЕУ ги распарчи политичките лаги на режимот во најбитните елементи кои го структурираат владеењето на режимот – нема веќе да можат уште да лажат дека се „патриоти“ кои демек, ете, одбиваат да ги внесат Бугарите во Уставот, затоа што, јасно и гласно, по стоти пат, но овојпат императивно се бара „забрзување на процесот за Уставни измени“ (во ЕУ воопшто и не ја третираат сериозно таа бесмислица наречена одложено дејство на Уставни измени). Понатаму, нема да можат скандалозно диктаторски и дрско да бараат од владини и собраниски говорници правосудниот систем да спроведува политички терор и прогон на противниците на режимот, односно да делува против опозицијата без никаки докази и основи, со заканата која најпросто кажано звучи „ако не апсите и обвинувате и судите како јас сакам, ќе го распуштиме судскиот совет“. Со други зборови, така диктатурата го замислува правниот систем и демократијата – или ќе ме слушате или ќе ве избркаме од работа. Исто така, можеби и најважно, очигледно овие заклучоци на ЕУ сигнализираат први индиции дека доколку набрзо не се организираат предвремени, но овојпат фер и демократски избори со проширена техничка влада и мнозинство на опозицијата во сите структури кои ја контролираат демократијата и законското работење на институциите, можни се санкции од ЕУ, кои всушност ќе ја стимулираат борбата против овој режим и дополнително ќе ги мотивираат за ангажман обичните луѓе, кои час поскоро мораат да сфатат дека со овој антинароден, антидемократски режим и ваквата клика на власт нема да има ниту ЕУ, ниту подобар живот во Македонија –  барем за нас, обичните луѓе.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини