Закон за амнестија: Расчистување на затворите или партиско-политичка корист?

од Nikola Popovski

Амнестијата е нужна, затворите се пренатрупани, но страдаат уставното и кривичното право – вака е ставот на учесниците на вчерашната дебата „Законот за амнестија и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на претходно осудените лица во Република Северна Македонија“ што ја организираше Македонското пенолошко друштво. Законот помина на седница на Влада, но се уште чека да се најде на собраниска пленарна седница. Опозицијата веќе најави дека ќе го блокира со илјадници амандмани, додека министерот за правда, Кренар Лога порача дека самиот ќе го брани законот пред пратениците, со огледало и албум со слики од затворот „Идризово“, за каде што посочи дека условите се катастрофални.

Проф. Миодраг Лабовиќ

Дел од експертската јавност е против Законот, велејќи дека затворите не можат да се расчистат. Професорот Миодраг Лабовиќ во разговор за „Локално“ вели дека со Законот не е можно, затоа што, според податоците од надлежните органи, бројот на лицата кои би биле опфатени со предложената аманестија е значително помал од лицата кои што сега се наоѓаат во затворите, како и лицата кои допрва се очекуваат за извршување на казната затвор.

Оценува дека Собранието има легална и легитмна можност со закон да амнестира неопределен број лица за определени кривични дела.

-Ваквиот упад во правосудството од страна на законодавната власт е предвидено како можност и во многу други земји, но тоа обично се прави во исклучителни ситуации, кога се работи за надминување на тешки општествени кризи, премостување на меѓуетнички конфилкти во една земја или слично, посочува Лабовиќ.

Професорот смета дека политичката конотација на секој правен процес е неминовна, бидејќи не е можно едното без другото.

-Прашање е само во која мера партиско-политичката  димензија доминира над правните цели. Во овој случај, во период пред избори, иако власта се обидува со амандмани да го прошири кругот на кривични дела кои ќе бидат изземени од амнестијата, сепак, се наметнува впечатокот дека партиско-политичката и личната корист е на преден план отколку постигнувањето на целите на казнената правда односно определени општо-општствени цели, тврди Лабовиќ.

 

Проф. Гордан Калајџиев

Од друга страна, универзитетскиот професор Гордан Калајџиев не се согласува со ваквата констатација и тврди дека главна идеја е затворите да се растоварат од пренатрупаност.

Во разговор за „Локално“ вели дека не гледа проблем што Собранието упаѓа во казнената политика, бидејќи како што истакнува, уставна надлежност е на Собранието да дава амнестија.

Според него, предлог-законот не е политички поврзан за да се спасат носители на фунцкии, дали сегашни или поранешни.

-Селективноста не го решава проблемот. Најтешки се условите токму кај тешките казни. Тежината на делото е веќе одмерена со казната и не е правично двапати да се казнат за исто, ни рече Калајџиев, додавајќи дека Уставниот суд веќе се има негативно изјаснето за селективноста кај Законот за помилување.

Министерството за правда предлага да се ослободат од затвор осудени за лесни кривични дела со затворска казна до 6 месеци. За тие кои што се осудени над 6 месеци се предлага намалување на затворската казна за 30 отсто.

Според објавениот предлог закон за амнестија со намалувањето на затворски казни нема да бидат опфатени оние кои се осудени на доживотен затвор, како и за кривичните дела убиство, измами при избори и гласање, мито и корупција силување и семејно насилство, злоупотреба на службена должност или измама со пари од европски фондови.

Амнестијата нема да се однесува за осудените за злоупотреба на службена должност. За осудените и обвинетите за злоупотреба на службена должност е предвидено намалување на затворската казна со друг закон, односно со измените на кривичниот законик за кој пристигнаа критики од меѓународната заедница во однос на начинот на кој беа донесени и што тие ќе значат за случаите со висока корупција.

Во моментов во државата има 2.345 осудени лица, од кои 250 се осудени на затворска казна до 6 месеци, што значи дека тие, доколку се изгласа законот, би излегле на слобода.

Закон за амнестија беше донесен и пред пет години, на почетокот на 2018 година. Тогаш имаше поголема јавна дебата – дали треба да им се простува казната на сторители на кривични дела во име на немање простор или подобра ресоцијализација.

Н.П.

Слични содржини