Законот за т.н солидарен данок може да биде добар за стопанството ако парите се искористат на вистински начин 

од Vladimir Zorba

Додека во јавноста се „кршат копја“ во однос на придобивките или (и) недостатоците на данокот на солидарност,   за дел од експертите целосно  се беспредмети сите дилеми бидејќи со овој чекор, како што тврдат, се исправа голема неправда во економијата. 

Како особено неразбирливи ги посочуваат обвинувањата на стопанствениците  дека  станува збор за ретроактивно оданочување.

„Не е точно дека законот е ретроактивен, затоа што данокот не се однесува на претходната година, туку на тековната, со тоа што како основа за негова пресметка се користат добивките на фирмите од претходните неколку години. Тоа е како на пример државата сега да воведе данок на богатство, кој ќе се пресметува на база на богатството од лани. Нема ништо спорно во тоа. Или друг пример – ако државата воведе мерка за поддршка на компаниите (т.н. негативен данок), при што како критериум за добивање на поддршката ќе се користи добивката од претходната година. Имало неколку вакви мерки изминативе неколку години, па никој не ги оспорил за неуставност“, дециден е Јовановиќ во својата изјава за „Локално“.

Во истата насока е и неговото уверување дека законот нема да предизвика штети во економска смисла, како што тврдат стопанствениците во јавноста. Тој дури оди и чекор понатаму, забележувајќи дека добивката наместо со стапка од 30 % треба да биде 90%.  

„Законот може да биде и добар за стопанството, ако парите кои ќе се соберат се искористат на вистинскиот начин. Законот е лош само за оние малку фирми кои минатата година остварија огромни профити, во време кога десетици илјади луѓе западнаа во сиромаштија. Најголем дел од тие фирми ја злоупотребија глобалната криза и намерно ги кренаа своите цени повеќе отколку што беше оправдано, само да си ги зголемат профитите. Така што, законов практично исправа една голема неправда и им наложува на таквите фирми делумно да го подмират својот долг кон заедницата. Законот може да влијае и стимулативно врз инвестициите, ако државата дел од парите искористи за помагање на малите и средните претпријатија. Фирмите кои ќе се оданочат со законов имаат и повеќе од доволно пари за инвестирање, даноков нема никако да влијае на нивното работење“, објаснува Јовановиќ.

Наспроти ваквите тврдења на економистите, дел од компаниите кои ги консултираше Локално, не го кријат револтот од донесениот Закон. Остануваат на  тврдењето дека тој е противуставен бидејки е ретроактивен и во спротивност со веќе постоечки закони заради што најавуваат дека ќе го преземат единствениот преостанат чекор, а тоа е постапка пред Уставниот суд.

„Според Уставот, правата стекнати врз основа на вложен капитал не може да се намалуваат со закон или друг пропис, односно не може да се загрозува остварувањето на правото на добивка. Претставува и двојно оданочување затоа што Данокот на добивка е веќе регулиран со Законот за данок на добивка и нема ниту уставен ниту законски основ добивката повторно, дополнително и ретроактивно да се оданочува со нова стапка од 30%. Затоа ваквиот предлог на законот е во спротивност со Законот за данок на добивка, што значи дека неговите одредби се противзаконити“, велат дел од стопанствениците за „Локално“.

Според нив, законoт е штетен и спротивен на деловното работење на компаниите и на обврските што тие ги имаaт кон акционерите и потенцираат дека ќе се наруши ликвидноста но и кредибилитетот на државата и економската клима во неа.

“Во практична смисла ова ќе има тешки последици на работењето. Најдиректната е што во најкус можен рок ќе треба да се одвојат средства за овој данок. На компаниите сериозно им се нарушуваат готовинскиот тек како и планот за инвестиции, поради тоа што некои од нив ќе мора да бидат одложени или откажани. Се става во прашање целокупното работење и се принудуваат компаниите да најдат некакво решение во многу кус рок. Тие, полесно или потешко, тоа решение ќе го најдат. Вистински оштетени од овој закон се акционерите. На нив им се одзема имот стекнат по основа на вложен капитал”.

Разбирајќи ја, како што велат, потребата на државата да изнајде средства за справување со кризата, бизнисмените отворено нудат своја помош но нагласуваат дека солидарност е кога сите помагаат по малку, а добиваат тие на кои што им е потреба помош.

Праведното решение според нив, би било  минимално еднократно зголемување на данокот на добивка за сите. Апелираат претседателот Пендаровски да не го потпишува Указот за прогласување на Законот за данок на солидарност, а на секој предлог за нов закон или негова измена да му претходи релевантна и детална анализа на пазарот.

К.В.С.

Слични содржини