Законските измени за Коридорите со европско знаменце денеска на дневен ред во Собрание

од Nikola Popovski
262 прегледи

Денеска во Собранието во 11 часот треба да започне 115-тата седница на која ќе се расправа за петте предлог-законите кои се неопходни за реализација на договорот со Бехтел и Енка за изградба на Коридорите 8 и 10д.

На дневен ред на седницата се Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи, сите по скратена постапка.

Владата одлучи законите да ги предложи со европско знаменце.

-Ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратешки проекти, само заради дневна политичка агенда. Од пратениците зависи дали ќе се гради побрзо и поевтино или поспоро или поскапо. Ние во Владата сме за опцијата поевтино и побрзо, рече Груби на прес-конференција со останатите министри во Владата, свикана токму околу Коридорите 8 и 10Д.

На ваквата најава реагираа од Канцеларијата на ЕУ во Скопје наведувајќи дека употребата на европското знаменце на предлог закони за изградба на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ не е оправдано и нема врска со реформската агенда за ЕУ.

Токму блокадата од Левица е една од причините за европско знаменце на законите, велат од владејачката СДСМ. Нивниот аргумент е дека коридорите се од геостратешка важност и со измените на законите по брза постапка ќе се заштедат 150 милиони евра и две години од изградбата.

Од партијата на Димитар Апасиев вчера информираа дека поднеле 6.664 амандмани против предлог-законите предложени за конзорциумот ,,Бехтел и Енка“.

-Двајцата пратеници на Левица, заедно со Правниот сектор на партијата, иако со многу ограничени ресурси, работеа неуморно со денови во изработка на амандманите, со цел да се спречи корумпираниот и штетен договор за Коридорот 8, кажаа од Левица.

ВМРО-ДПМНЕ во јавноста има сомнежи за изградба на овие коридори, а веќе се најавува и блокада на законите во Собранието, со кои ќе се овозможи побрз старт на нивната изградба. Тоа ќе значи дека државата ќе ја чини поскапо, поради обврските преземени во самиот договор.

Опозицијата својата кампања ја засноваат врз информации на „свиркач“, кој има увид во договорот со „Бехтел и Енка“ што пак според партијата на Мицкоски е доволно за да пропагира во јавноста дека договорот е штетен по повеќе основи.

Што се однесува до обвинувањата дека договорот ќе се спроведувал според англосаксонски закони, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски одговари дека „сите прашања што ќе се појават, а ќе ги има многу на терен, во дел на проектирањето, во начинот на проектирањето, ќе се решаваат согласно македонското законодавство“.

Слични содржини