Заменик-министерот за култура ја напушти Алтернатива: „Гаши излезе од Влада само поради разрешувањето на неговиот пријател Сали“

од Nikola Popovski
241 прегледи

Единствениот функционер од Алтернатива Даим Лучи, за кого премиерот Димитар Ковачевски не побара разрешување од Владата, одлучи да не биде дел од неговата матична партија, со што останува на функцијата заменик-министерот за култура.

Тој во објавата на социјалните мрежи со наслов „Не плачете како жени, кога не сте способни да заштитите како мажи“ наведува низа обвинувања, потенцирајќи дека се додека Африм Гаши, Зеќирја Ибрахими и Беким Сали се на чело на Алтернатива тој нема да биде дел од партијата.

Тој обвинува дека после Конгресот на партијата Алтернатива, иако имал политичка функција, бил единствениот функционер на партијата кој не бил член на Централното претседателство и дека бил отстранет од сите централни партиски форуми.

-Со кое право Африм Гаши бара мое разрешување бидејќи одлуката на Алтернатива за напуштање на Владата е донесена само и само поради разрешување на неговиот пријател Беким Сали од функцијата министер за здравство, а седницата на Централниот одбор во Тетово беше само фарса и лага за гласачкото тело, стои меѓу другото во објавата на Лучи.

Гаши нема јасен одговор зошто Лучи не дал ниту оставка, ниту пак е на списокот за разрешување во Собранието. За претседателот на Алтернатива можно е и да има некаков договор.

-Како партија треба да одлучиме што ќе правиме со луѓето што заминуваат и не ги почитуваат партиските одлуки бидејќи одлуката за повлекување од Влада и за излегување во опозиција е едногласно усвоено на Централното собрание. Ќе го дискутираме во партијата неговиот потег и ќе одлучиме што ќе правиме бидејќи е прекршување на одлуката на партијата, рече лидерот на Алтернатива пред два дена во дебатна емисија.

 

Слични содржини