„Со задоволство би забележале каков било напредок во Република Северна Македонија, но во моментов, за жал, не гледаме никаков“. Ова го изјавила заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Елена Шекерлетова. Таа учествувала на заедничкиот состанок на тамошните Комисија за надворешна политика и Комисија за европски прашања и контрола на европските фондови во Парламентот, на кој амбасадорот на Република Кипар во Бугарија ги презентирал приоритетите на кипарското претседателство со Советот на Европската Унија.
„Бугарија продолжува да верува дека проширувањето на ЕУ треба да ги вклучи сите земји од Западен Балкан, кога ќе покажат потребна подготвеност“, истакнала Шекерлетова. „Ние продолжуваме да веруваме во оваа реформска и мотивирачка сила на проширувањето на ЕУ во овие земји“, додала таа, пренесуваат бугарските медиуми.
Според неа, важно е да се изгради систем на вредности во земјите што е во согласност со оној на ЕУ. Заменик-шефицата на бугарската дипломатија смета дека некои земји-кандидати за членство покажуваат напредок, но волјата и подготвеноста не се исти во секоја земја.