Замрзнувањето на цената на метанот е спротивно на Законот.Ќе го редуцира ли возниот ред ЈСП?

од Берта Китинска
228 прегледи

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) нема овластување да ја замрзне цената на метанот, бидејќи тоа е спротивно на Законот на енергетика, вели претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, откако денеска директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски побара комисијата да ја замрзне цената на метанот по зголемувањето од 50 на 110 денари за килограм.

„Регулаторна комисија нема никаква надлежност во регулирање на цената на метанот. Цената на метанот или природниот гас се регулира на пазарот и според Законот за енергетика ние не определуваме набавни цени”, вели Бислимоски.

Вчера , в.д. директорот на ЈСП Скопје, Иван Илиевски упати барање до владата да се субвенционира разликата на цената на метанот или да ја замрзне цената на нивото на таа од декември.

„Не размислуваме за покачување на цената на билетите за јавен превоз, а засега не планираме ни редукција на возниот ред. Бараме Владата да ја субвенционира разликата на цената на метанот или да ја замрзне на нивото на таа од декември, односно да застане во заштита на ЈСП Скопје, како компанија од јавен интерес и најголем корисник на метанот“, истакна Илиевски, по последното покачување на цената на метанот за речиси 130 отсто.

Помош од Владата, истакна Илиевски, е единствена опција како ЈСП Скопје во случајов би ги надминало дополнителните енормни трошоци, а имајќи во предвид дека 33 возила го користат гасот како погонско гориво. За Илиевски, еколошкиот момент е побитен од економскиот, па од тие причини не планира да ги „паркира“ еко возилата.

„Овој ценовен шок дополнително ќе има негативно влијание за и онака нашата лоша финансиска состојба, па од тие причини, автоматски сме принудени да размислуваме какви мерки да преземеме, а тие да не се одразат лошо на квалитетот на јавниот превоз, односно на услугите кои ЈСП Скопје ги нуди на скопјани. Затоа и бараме помош од централната власт. Ќе го следиме развојот на настаните и во зависност од исходот ќе делуваме. Крајна опција, во случај да не ја добиеме бараната помош е редуцирање на возниот ред. Во меѓувреме, можеби ќе побараме и дополнителни наменски субвенции од Град Скопје, односно од Советот кои и досега имаа разбирање за нашата состојба и бескрајно сум им благодарен за целата соработка и поддршка“, додаде Илиевски, кој истакна голема благодарност и до вработените во претпријатието.

На метан возат 33 нови автобуси на МАН, дел од возниот парк на претпријатието. За нив, на годишно ниво, горивото чинеше околу 1 милион евра, со новата цена ќе требаат нешто повеќе од 2 милиона евра.

Слични содржини