Ѕанакопулос: 19 отсто од географската област Македонија и припаѓа на ПЈРМ

од desk2
85 прегледи

Врз основа на меѓународните договори, географската област Македонија не ѝ припаѓа исклучиво на Грција, вели портпаролот на грчката Влада во интервју за државната телевизија ЕРТ.

Коментирајќи го протестот и слоганите пред два дена на плоштадот Синтагма дека Македонија е грчка, Димитрис Ѕанакопулос вели дека Македонија како географска област припаѓа на различни држави, јавува дописникот на МИА од Атина.

– Многу добро знаете дека врз база на меѓународните договори, географскиот регион на Македонија не ѝ припаѓа исклучиво на Грција. 51 отсто од Македонија ѝ припаѓа на Грција, околу 30 проценти на Бугарија, останатиот дел ѝ припаѓа на ПЈРМ и еден процент припаѓа на Албанија. Затоа, ако преминеме на суштината на разговорот, гледаме дека географската област на Македонија во моментов им припаѓа на различни нации-држави и оваа реалност не може да не ја земе предвид грчката надворешна политика – рече Ѕанакопулос, на прашањето дали слоганите „Македонија е грчка“ влијаат на преговорите.

Во однос на македонскиот идентитет, портпаролот на грчката влада вели дека сите народи имаат идентитет и „ниеден народ не може да лиши друг народ од неговиот идентитет“. По инсистирање на новинарот дали станува збор за Македонци, Ѕанакопулос објаснува дека во соседната земја постојат различни етнички групи.

– Тие сметаат дека нивниот национален идентитет е тој што е. Но, исто така, да ве потсетам дека во ПЈРМ постојат и комплетно различни етнички групи, постојат Албанци, постојат луѓе кои се самоопределуваат како Славомакедонци, постојат и Грци, постојат, ако не грешам и Бугари п- објасни Димитрис Ѕанакопулос за ЕРТ, пренесува МИА.

Портпаролот на грчката влада, уште еднаш повтори дека Атина бара сложено ерга омнес име, што значи име и за внатрешна и за надворешна употреба, нешто што „ако се толкува, води до заклучокот дека не може да постои договор, без промена на уставното име, а за да има промена на уставното име потребна е уставна ревизија“.

Ѕанакопулос објасни дека постојат две главни причини зошто Грција смета дека треба да се реши проблемот. Првата е дека нема причина во веќе дестабилизиран регион како што е Балканот, Атина да придонесе за дополнителна дестабилизација, додека пак втората причина е фактот што Македонија веќе ја имаат признаено над 100 земји под уставното име и опасноста во иднина ова име да го прифатат и ОН.

Во однос на можноста за распишување референдум за името во Грција, портпаролот на грчката влада, ја отфрла идејата велејќи дека не постои причина или аргумент за такво нешто.

– Фактот што ние ќе признаеме друга држава со сложено име, не знам што би требало да се постави на референдум – објаснува Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката влада, откри дека на следниот НАТО самит во јули, Грција ќе ја претставува премиерот Алексис Ципрас.