Западен Балкан: Подготвени сме за интензивна регионална соработка

од Vladimir Zorba
115 прегледи

Брисел очекува од “западнобалканска шесторка” да работи на обврските преземени за време на  средбата во Трст, а  регионалната економска интеграција не е и нема да биде алтернатива на членството во Европската унија.


Политички ангажман за интензивна регионална соработка меѓу земјите од Западен Балкан и продолжување на економскиот партнерство во регионот е ветувањето на премиерите на земјите од Западен Балкан, кои денеска се состанаа во албанскиот град Драч .

“Заедничко спроведување на економскиот план во регионот ќе значи создавање на поголем пазар и поголем интерес за водење бизнис во нашите држави, а со тоа доаѓаат повеќе инвестиции и повеќе работни места”, рече македонскиот премиер Зоран Заев.
Тој  ја потврди посветеноста на Скопје кон заедничките цели и изјави дека новите мерки ќе обезбедат движење на стоки и луѓе меѓу земјите, а тоа ќе привлече кон нив и европски компании.

“Нашиот регион сака мир и општа европска иднина. Гледаме подобра клима за соработка “, коментира Заев.

Денешната средба во Албанија е посветена на регионалната соработка и зајакнувањето на интеграциските процеси на Западен Балкан. Нејзин домаќин е биде албанскиот премиер Еди Рама.
Меѓу клучните учесници во средбата се српскиот премиер Ана Брнабич, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздич црногорскиот премиер Душко Марковиќ, како и косовскиот премиер во оставка Иса Мустафа. На средбата се вклучи исто еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Хан го поздрави партнерството во регионот и особено изрази задоволство од брзото решавање на дипломатската криза меѓу Скопје и Белград.
“Би сакал подетално да се запознаам со причините за овој проблем, но е убаво кога  има топли односи меѓу лидерите на Македонија и Србија и тие покажуваат желба за пријателство и разбирање”рече тој.
Еврокомесарот исто така, рече дека формирањето на регионална економска зона, која ќе го поттикне економскиот раст и ќе  создаде нови работни места, е клучен приоритет за земјите од Западен БАлкан.. Тој потсети дека сепак регионалната економска интеграција не е и нема да биде алтернатива на членството во Европската унија.
Хан посочи дека Брисел очекува од “западнобалканска шесторка” да работи на обврските преземени
за време на средбата во Трст.