Запалена фабрика во Чешка што произведува оружје за израелската војска

Постројка поврзана со израелскиот производител на оружје „Elbit Systems“ е запалена во Чешка во раните утрински часови, а екстремистичката група „Фракција земјотрес“ ја презеде одговорноста, соопшти денеска чешката полиција.

од Кристијан Димков
25 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/AFP

Во нападот се уништени повеќе објекти во постројката, која заеднички ја управувале чешка компанија и „Elbit Systems“ – компанија што ја снабдува израелската војска со копнено и воздушно оружје, наведе чешката полиција на платформата „Х“.

Групата под името „Фракција земјотрес“ соопшти на „Телеграм“ дека ја нападнала постројката, која, како што тврди, е „централен објект за европските операции на најголемиот израелски производител на оружје“ и дека сега е „во пламен“.

„Се наоѓаме во утробата на ѕверот, опкружени со смрдеата на злото“, истакна групата и додаде дека нема да чека на акција од соучесничките меѓународни влади и дека ќе преземе „неопходни мерки за да им ги одземе средствата за убивање“.

Чешката полиција соопшти дека истрагата е во тек.