Најавите на Русија дека ќе ја сопре испораката на природен гас кон Полска и Бугарија ќе ја доведе во прашање работата на македонските компании.Прва на удар ќе се најде челичната индустрија. Од металуршкиот гигант Макстил каде процесот на производство се одвива со употреба на лектрична енергија и на природен гас, отворено стравуваат од сопирање на производствениот процес.
Доколку настане прекин во снабдувањето тогаш ќе бидеме приморани да го прекинеме целосно производството на челични слабови бидејќи нема алтернативно гориво кое може да се користи за загревање.Најголемиот проблем со секој ресурс кога е достапен од само едно географско подрачје е стабилноста во снабдувањето на истиот. вели за локално.мк директорот на комбинатот, Петар Јанески.
Доколку се остварат најавите на Русија, Макстил има малку алтернативни решенија на располагање бидејќи како што вели Јанески, за било каква промена во производството, потребни се и време и пари, а тоа на крајот ќе се одрази на квалитетот на производот.
Алтернативните горива кои се достапни мора да се напомене дека изискуваат измени во технолошкиот процес и опрема како би можеле да бидат супституција за природниот гас. За да се изврши пренамена на опремата потребно е подолго време и средства, но најважно од се е што тој изменет начин на работа ќе го намали квалитетот на нашите производи. Во секое сценарио кое го разработуваме се водиме од начелото да го обезбедиме секое работно место на нашите вработени.Се надеваме дека состојбата нема да се влоши дополнително и дека нашиот снабдувач нема да мора да го прекине дотокот на гас за државата, објаснува Јанески.
Од Владата уверуваат дека има соодветни алтернативи во случај да дојде до прекин во снабдувањето со природен гас, а тоа е мазутот или увоз на договорените количини гас преку интерконекторот што Бугарија го има со Грција.Гувернерката Анита Ангеловска Бежовска пак информираше дека се создадени сите предуслови домашните институции да можат рускиот гас да го плаќаат во рубљи доколку тоа биде потребно.
К.В.С.