Започна имунизацијата со „Спутник V“, до крајот на март се очекува поголемо количество вакцини

од Берта Китинска
189 прегледи

Вчера започна имунизацијата со руските вакцини „Спутник V” во скопската поликлиника Јане Сандански.

До вчера попладнето беа вакцинирани околу 120 лица. Во исто време продолжи и ревакцинацијата со вакцините „Фајзер”.

Во текот на вчерашниот ден, по објавата на текстот во десничарскиот италијанскиот весник „Ла Верита“ со наслов „Битка помеѓу Кина и Русија за Балканот“, се отвори прашањето за набавката на кинеските вакцини за земјава.

Премиерот Зоран Заев ги отфрли обвинувањата за незаконско дејствување во однос на набавките на вакцина против ковид-19 од кинески „Синофарм” кои беа објавени во десничарскиот италијанскиот весник „Ла Верита“ со наслов „Битка помеѓу Кина и Русија за Балканот“.

– Во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали како што очекуваат нашите граѓани, час поскоро. Јас, а и министерот за здравство ја информираме јавноста дека по две недели чекање на активности на Кинеската амбасада, ние директно преку „Синофарм” не можевме да добиеме контакти и дадовме нарачки преку приватни компании кои МНР не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку Кинеската амбасада, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со пишувањата на весникот „Ла Верита“.

Секоја земја, додаде Заев, прави напори и ние истовремено, покрај официјалните преку амбасадите, имаме испратено писмо за намери и преку десетина приватни компании од Австрија, Велика Британија и САД.

–  Донесени се сите неопходни одлуки, но на крајот се одлучи дека треба да одиме преку Кинеската амбасада, преку МНР на Кина, за да може да се реализира самата количина од 200 000 вакцини кои се нарачани. Во првиот случај имавме и потврда на Министерството за здравство на Кина, но сепак ги почитуваме дипломатските ставови на пријателска НР Кина и затоа нарачката е сега преку Амбасадата и МНР на Кина, рече Заев.

Пишувањата на „Ла верита“ ги демантира и министерот за здравство Венко Филипче. Тој за Канал 5 потврди дека се обиделе набавката да оди преку приватни фирми, но на крај се покажало дека тоа не е правилниот пат, по што крајната одлука била да се оди преку кинеската амбасада и кинеското МНР.

Досега во земјава пристигнаа 8 000 вакцини на „Фајзер“ како донација од Србија, и 3 000 руски вакцини „Спутник V“.