Започна мирниот протест на иницијативата „Кој е следен“: Порака за објавување на сите документи за дискотеката „Пулс“

од Даниел Ѓорѓиевски
80 прегледи

Со едноминутен молк и интонирање на химната, пред Собранието започна вториот граѓански собир, организиран од Иницијативата „Кој е следен“ под слоганот „Народно собрание“. Овој протест е реакција на фактот дека две недели по трагедијата во Кочани, Собранието останува во застој – без пленарни седници и без активност на собраниските комисии.

„Кој е следен“ ги повтори своите барања за објавување на целосната документација која се однесува на дискотеката „Пулс“. Претставниците на иницијативата апелираа за транспарентност од страна на надлежните институции, вклучувајќи ги Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Државниот градежен инспекторат, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за урбанизам, локалната самоуправа во Кочани, како и локалниот градежен инспекторат.

Министерството за внатрешни работи најави посебен режим на сообраќај во централното подрачје на Скопје поради протестот, апелирајќи до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат насоките на полицијата.

Последниот протестен марш на ова движење се одржа на 24 март, под мотото „Не само како поединци, туку како заедница“, а денешниот собир претставува уште еден обид за подигнување на свеста и притисок врз институциите за системски промени.

Слични содржини