Започна расчистувањето на депонијата во Визбегово: Министерството за екологија ќе исплати повеќе од 300.000 евра

од Nikola Popovski
356 прегледи

Градот Скопје денеска почна голема акција за расчистување на дивата депонија во Визбегово, која претставува повеќедецениски еколошки проблем за Скопје, а особено за жителите на околните општини Шуто Оризари, Бутел и Чучер Сандево. Од оваа депонија која се протега на површина од 10 хектари (околу 10 фудбалски игралишта) ќе бидат расчистени околу 50.000 кубни метри шут и комунален отпад.

Министерот за животна средина Насер Нуредини на денешната прес-конференција изјави дека не може да се каже колку диви депонии има во земјава, бидејќи тие се нелегални и нема официјална бројка за тоа.

„Имаме соработка со Швајцарската амбасада за депонијата Русино. Работиме во Северниот и Североисточниот регион, имаме активности и на тој план, 39 камиони се веќе испорачани. И во југоистокот и во југозападот имаме активности во насока на креирање централен систем за отпад“, истакна Нуредини.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, посочи просторот потоа ќе биде зазеленет.

„Овој проблем постои повеќе децении и директно влијаеше врз квалитетот на воздухот, бидејќи депонијата често се самозапалуваше или ја палеа несовесни граѓани. Денешната акција е доказ дека извонредната соработка меѓу локалната и централната власт може да резултира со конечно решавање на ваквите проблем“, рече Шилегов и најави зголемени контроли на инспекциските служби.

„Работиме заедно со сите локални власти во земјава. Со градоначалникот на Скопје разговараме за подобрување на депонијата „Дрисла“. За депонијата Русино имаме план и соработка од швајцарската амбасада. Работиме во северот и во северо источниот регион, како што знаете инвестираме 38 милиони од ИПА 2 програмата. 39 камиони веќе се набавени. И во југо истокот и во југо западот имаме активности за креирање на централен систем за отпад“, додаде Нуредини.

За чистење на дивата депонија во Визбегово, Министерството за екологија ќе исплати повеќе од 300.000 евра.

Слични содржини