Започнува Генералното собрание на ОН: Во живо по две години

од Stefanija Kuzmanovska
154 прегледи

Почнувајќи од денеска, светските лидери ќе се обраќаат еден по друг на Генералната дебата на 77-то заседание на Генералното собрание на ОН во време кога светот е зафатен од климатски катастрофи, прехрамбена несигурност, војни, а самите ОН минуваат низ длабоки поделби, пишува АФП, пренесува „Бета“.

Во текот на една недела, околу 150 шефови на влади и држави од целиот свет треба да се обратат на големиот годишен дипломатски собир, кој се одржува во живо по две години, бидејќи беше попречен поради КОВИД-19.

Традиционално, на првиот ден од Дебатата прв говори претставникот на Бразил, а потоа американскиот претседател, шефот на државата каде што е седиштето на ОН. Меѓутоа, по исклучок оваа година, како што беше случај во многу ретки случаи во минатото, претседателот Џозеф Бајден, кој вчера присуствуваше на погребот на британската кралица Елизабета Втора, го премести обраќањето за во среда. Неговото место ќе го заземе претседателот на Сенегал, Меки Сал.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ќе се обрати на отворањето на 77-то Генерално собрание и „нема да ги засладува работите“, изјави неговиот портпарол Стефан Дујарик, наведувајќи дека шефот на ОН ќе ја отслика сликата на светот каде што геополитичките поделби „доведуваат сè во опасност“.

„Се собираме во момент на голема опасност за светот“, рече вчера Гутереш, наведувајќи ги конфликтите и климатските катастрофи, поделбите, сиромаштијата, нееднаквоста и дискриминацијата.

Зеленски се обраќа преку видео врска

Кога станува збор за опасностите од руската инвазија на Украина, таа ќе биде во центарот на оваа дипломатска недела на високо ниво, а украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе зборува преку видео врска во среда.

За вакво обраќање беше потребна посебна дозвола од земјите членки бидејќи според прописите сите лидери мора да се обратат во живо.

Слични содржини