269
Утре почнува изборната кампања во Штип и Пласница, а засега нема најава дека прогласувањето на кризната состојба ќе ги помести изборите за градоначалници во двете општини.
Од ДИК велат дека во Законот за кризна состојба не пишува ништо околу можно одложување или запирање на изборниот процес и дека се подготвени според здравствени протоколи да реализираат избори во овие две општини.
„Вчера беше жрепката за билбордите, утре почнува изборната кампања, денеска ја затвораме изборната листа итн, така како што се предвидени законските рокови врз основа на изборниот законик и роковникот, ние ги преземаме сите активности. Ние како ДИК ги преземаме сите мерки во однос на здравјето, пред се на граѓаните, гласачите а исто така и на изборните органи“, изјавил Дитмире Шеху, потпретседател на ДИК.
Најголемата опозициска партија обвини дека е парадокс во кризна состојба да се организираат избори и дека власта наскоро ќе дојде на нивниот став дека не е можно одржување на изборите во двете општини што останаа без градоначалници откако претходните заминаа во законодавната и извршната власт.
Изборите се на 13 декември, а два дена претходно треба да гласаат лицата со Ковид-19. Во Штип право на глас имаат 41.777 гласачи, додека во Пласница 4.954 гласачи.