Започнува изградбата на граничниот премин Маркова Нога – Герман со поддршка од ЕУ

од Даниел Ѓорѓиевски
34 прегледи

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска и утре ќе ја посети општина Ресен и регионот на Преспанското Езеро, со цел да ги презентира придобивките од европската помош во секојдневниот живот на граѓаните.

Како што соопштија од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Рокас денеска ќе оствари средби со градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, како и со Советот на општината, каде ќе се дискутираат проектите поддржани од ЕУ.

Утре, во рамки на својата обиколка, евроамбасадорот ќе направи увид во повеќе проекти финансирани од Европската Унија. Во селото Царев Двор, тој ќе го посети основното училиште „Браќа Миладиновци“, кое ја зголеми својата енергетска ефикасност преку грант финансиран од ЕУ. Потоа, ќе ја посети црквата „Света Петка“ во селото Брајчино, каде во рамки на прекуграничниот проект ACT4PRESPA се предвидува зачувување на фреските како дел од напорите за заштита и конзервација на културното наследство.

Посетата ќе заврши со значаен настан на високо ниво, каде премиерот Христијан Мицковски, амбасадорот Рокас, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан и членови на Владата ќе го означат почетокот на градежните работи на царинската зграда на новиот граничен премин Маркова нога – Герман.

Овој проект е дел од финансиската програма ЕУзаПреспа, вредна 21,5 милиони евра, од кои 18 милиони евра (84%) се обезбедени од Европската Унија, додека остатокот од националниот буџет. Програмата се спроведува преку два договори за придонес со УНДП. Опремата ќе биде испорачана и инсталирана од националната царинска управа, додека реконструкцијата на полициската зграда ќе биде финансирана преку програмата Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија.

Граничниот премин Маркова нога – Герман се очекува да биде отворен во 2028 година, со што ќе се подобри поврзаноста и ќе се зајакне прекуграничната соработка помеѓу Северна Македонија и Грција.

 

Слични содржини