Денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди“, тврди Ѓорѓиевски.
Ќе создадеме, според Ѓорѓиевски, простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. „Посебно внимание посветуваме на пристапноста. Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“, истакнува тој.
На овој простор од 84.000 квадратни метри ќе има и зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје“, сподели тој на Фејсбук.