Започнува судењето за нападот на Арсовска во Чаир

од Nikola Popovski
19 прегледи

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска започнува судскиот процес против лицето обвинето за напад врз градоначалничката Данела Арсовска. Инцидентот се случи на 11 јули на улицата „Севастополска“ во Скопје, додека таа со службени лица извршувала теренска проверка по пријава за бесправна градба и нелегални приклучоци.

Според обвинителниот акт, обвинетиот С.Љ. извршил грубо насилство врз градоначалничката, при што ѝ нанел телесна повреда и предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв кај неа, но и во јавноста.

– Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица, присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електропреносна мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки. Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да и се заканува, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Обвинетиот во моментов издржува мерка притвор.

Министерството за внатрешни работи (МВР) одобри 24-часовно обезбедување на градоначалничката на Скопје.

По инцидентот Арсовска беше примена во Ургентен центар во болницата „8 Септември“ видно вознемирена и со контузии од удирање со клоци и тупаници. Прегледана е од специјалисти.

„Пред очи на полицајци ме удираше со клоци и ми се закануваше дека ќе ме силува, а цело семејство ќе ми го убие“, изјави тогаш за медиумите скопската градоначалничка откако излезе од Ургентниот центар.

„Тоа лице кое направило толкава дивоградба пред сите нас се јави на 20 луѓе на високи функции во МВР и им кажуваше што сè ќе ми направел, им викаше дека ќе ме убие, ќе ги ликвидирал еден по еден членовите на моето семејство“, рече Арсовска.

Градоначалниката на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а на 27 јуни до до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Слични содржини