Започнува второто полугодие: Комбинираниот модел нема да се менува, матурантите најавија бојкот

од Nikola Popovski
241 прегледи

По тринеделен зимски распуст, основците и средношколците денеска се враќаат на настава за да го продолжат второто полугодие. Министерството за образование ги извести училиштата дека наставниот процес ќе продолжи со почитување на протоколите против пандемијата.

Министерот за здравство Венко Филипче и министерката за образование Мила Царовска денеска на состанокот со претставниците на Сојузот на средношколци разговараа за почетокот на второто полугодие и под какви околности ќе се одвива наставата.

„Ја следиме епидемиолошката состојба и доколку следните месеци се покаже стабилизирање ќе донесеме други одлуки, но тоа ќе се случи откако ќе бидеме сигурни дека трендовите со намалување на новозаразени со ковид ќе продолжат“, рече Филипче.

Според министерката Мила Царовска, комбинираниот модел бил успешно воспоставен во првото полугодие и затоа нема да се менува во вториот дел од учебната година.

„Во првото полугодие најголем предизвик беше како наставниците ќе се снајдат со онлајн- наставата. Но овој предизвик е надминат и второто полугодие го продолжуваме по веќе воспоставениот хибриден модел: онлајн, со физичко присуство и со следење часови преку телевизија“, изјави Царовска пред два дена.

Сепак, наставата нема да започне утре за матурантите кои најавија бојкот на почетокот на второто полугодие. Според Унијата на средношколци, одлуката за бојкот дошла откако Министерството за образование и Државниот испитен центар не соработувале со нив во врска со измената на наставниот материјал за тестот на државната матура. Средношколците бараат министерството да го намали бројот на предмети за државната матура, односно од четири предмети, матурантите предлагаат да имаат само два.

 

Слични содржини