Според графикот на 14-дневната инциденца (на првиот дијаграм), најдобро се гледа дека врвот на бранот на Омикрон сојот во Битола настапил пред десетина дена (поточно на 14 јануари), а оттогаш е во намалување, како што покажува зелената линија. На државно ниво (црвената линија на истиот дијаграм) исто така покажува тенденција на израмнување, што значи дека моментално сме во зоната на врвот, пишува во својата ковид-анализа проф.Дејан Трајковски.
-Практично во цела југозападна Македонија дневните броеви се намалуваат, а во Скопје се формира плато на максимумот. Слично е во остатокот на државата, освен во Тетово, Гостивар, Штип, Кавадарци, Неготино и Гевгелија, каде избувнувањето е во тек. Овие градови можат да го пролонгираат времетраењето на врвот на државно ниво, но не можат да направат поголема штета бидејќи се работи за релативно мал број на жители.
Извесна штета ќе направи започнувањето на второто полугодие со физичко присуство во училиштата, што веројатно ќе создаде некаков мини-врв на дијаграмите, но и тоа ќе биде „сварено“ за една до две недели (и којзнае уште колку нови жртви како резултат на тоа), како што видовме при отворањето на баровите и ноќните и диско-клубовите. Добро е што почетокот на второто полугодие беше одложен за две недели, со што беше избегнат врвот на бранот, а во февруари сепак сé ќе биде помалку драматично, пишува Трајковски.