Засега не гледаме причини за ограничување на цените на храната, порача Дурмиши

Министерот за економија тврди дека во декември цените биле намалени за 0,4 проценти

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Фејсбук/Бесар Дурмиши

Министерот за економија, Бесар Дурмиши засега не гледа причина за реакција во однос на цените на храната. Вели дека во декември цените биле намалени за 0,4 проценти.

-Доколку има енормно зголемување на цените, ќе реагираме и ќе се преземат мерки, кажа министерот како одговор на новинарски прашања.

Тој денеска изјави дека во моментот не гледа причина за некакво ограничување на профитната бруто-маржа или ограничување на цените.

-Засега не гледаме причина да преземаме некакво ограничување на профитната маржа или ограничување на цените. Секојдневно ја следиме ситуацијата, во комуникација сме со претставниците од Државниот пазарен инспекторат и ако има потреба ќе реагираме, но во месец декеври цените во делот на храната и пијалоците се намалени за 0,4 проценти. Убеден сум дека овој тренд ќе продолжи и оваа година, изјави Дурмиши.

Живејачката на годишно ниво за 2025 поскапа за 4,1%, а цените на мало пораснале за 3,6%, измери Државната статистика. Инфлацијата, пак, во декември лани, во однос на ноември 2025 е повисока за 0,4%. Во декември 2025 година, во однос на ноември истата година, намалување на трошоците на животот е забележано кај храната и безалкохолните пијалаци за 0.4% и кај облеката и обувките за 0.2%.