„Откако заврши мерката „училишната кошничка“, заштедата за двајца ученици е околу 3.000 денари“ – ова денеска го соопшти заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој најави дека во петок ќе достават известување до Владата со конечните сознанија за мерката.
-Мерката беше одлична можност за сите ученици пред сè за родителите на учениците и студентите, бидејќи студентската година почнува. Мислам дека имаа одлична можност на сите пунктови каде што се набавуваат училишни материјали да ги купат по поевтини цени, она што беше предвидено со одлуката и мерката. Да пофалам, некои книжарници имаа и акција на поголеми намалувања од она што беше предвидено со самата мерка, изјави Ристески при денешната посета на Куманово.
Како што посочи заменик-министерот, Пазарната инспекција извршила околу 150 контроли на преку 400 објекти кои продавале училишен прибор, книжарници, маркети, други објекти, пунктови. Порача дека некаде биле увидени мали пропусти. Вели дека во глобала трговците се придржувале до мерката.