Истражувањето на Европската организација за игри на среќа (ЕОГЛ) покажува дека владините регулирани форми на обложување претставуваат начин за минимизирање на можностите за нелегално коцкање
Обложувалниците преку постојниот закон се регулирана бизнис индустрија во земјава која значително вложува во државниот буџет.Неодамна група пратеници на ДУИ поднесоа предлог измени на законот со кој се предвидува дислоцирање на обложувалниците и казината од најмалку 500 метри воздушна линија од училиштата, факултетите, универзитетите, институтите, библиотеките, детските градинки, домовите за згрижување деца без родители и сл.

Ова во пракса значи затворање на сите објекти на територијата на градот и носење надвор од населените места. Очекувањата се дека на овој начин ќе се намали обложувањето и коцкањето. Но, колку навистина оваа мерка ќе го постигне посакуваниот ефект?
Асоцијацијата на спортските обложувалници од предлог измените наместо позитивен бенефит гледа развој на сивата економија. За нив новите мерки преставуваат еден вид на стимулација за развој на сивата економија на сметка на легалните бизниси.
„Ние како Асоцијација сметаме дека бизнисот треба да се регулира, но не и да се затвори. Ниту кладењето ниту коцкањето нема да запрат и доколку овие предлог измени се донесат тогаш државата ќе има поголем проблем. Ќе треба да го бара начинот и локациите каде луѓето се обложуваат или коцкаат. Ние и денеска сме сведоци дека нелегално коцкање постои. Тоа го говорат извештаите на Министерството за внатрешни работи кои пред само неколку месеци запелнија нелегални апарати за среќа од угостителски објект во Тетово. Нашиот став е дека бизнисот треба се регулира онаму каде што не е, со што државата ќе има целосна контрола на парите„ изјави Васко Илијевски од Асоцијацијата за спортски обложувалници.
Инаку Министерството за внатрешни работи пред само неколку месеци затвори обложувалница во Тетово која работела на „црно“, а пред самиот почеток на новата година во с.Ростуше заплени апарати за среќа за кои сопственикот не поседувал валидна документација.
Македонската јавност е сведок на битката која МВР ја имаше со заплената на нелегални покер апарати во 2013 година. Низ целата држава министерството преку акцијата „Детонатор“ заплени над 1000 покер апарати. Случаите на МВР низ годините се евидентен доказ дека покрај регистрираните обложувалници и казина кои редовно плаќаат давачки сепак во голема мера е застапено нелегалното коцкање.
„Ние од Управата за јавни приходи,уште во 2013 година, сме обврзани да го користиме Надзорниот информациски систем (НИС) и со 24-часовната поврзаност се следи секоја уплата и исплатена добивка. Доколку некој од нас регистрираните ова не го почитува, тогаш има предвидена глоба од 7.000 евра. Индустијата е целосно законски регулирана и предлог мерките ќе направат вистински хаос и ќе отворам можност за нелегални обложувалници и казина, а од друга страна обложувањето воопшто нема да се намали. Играчите ќе бараат алтернативни начини за обложување или уште поопасно ќе го прават тоа во нелегални објекти“ , истакна Илијевски.
Од друга страна, истражувањето на Европската организација за игри на среќа (ЕОГЛ) покажува дека владините регулирани форми на обложување претставуваат начин за минимизирање на можностите за нелегално коцкање. Според податоците од европската организација, законите кои се носат во овие индустрии се во насока на прецизна регулација, а не во насока на затварање или дислокација на објектите.
На сајтот на Министерството за финансии е објавено дека се издадени лиценци за 26 автомат-клубови во земјава, пет казина и девет лиценци за спортски обложувалници, кои со лиценцата може да отворат по 25 обложувалници.