Затворањето на германските компании ќе влијае на намалување на македонскиот извоз, инвестициите, производството…

Економските експерти сметаат дека ако германската побарувачка ослабне, тоа ќе се почувствува и кај нас – преку помал извоз, побавно вработување и послаба економска динамика. Затоа мораме да ги диверзифицираме пазари и да ја зголемиме конкурентноста на домашните компании.

од Vladimir Zorba
283 прегледи Фото: ChatGPT

Затворањето на над 22.000 компании во Германија е сериозен аларм и за македонската економија, затоа што таа е наш најголем трговски партнер и директно влијае врз извозот, инвестициите и индустриското производство.

Економските експерти сметаат дека ако германската побарувачка ослабне, тоа ќе се почувствува и кај нас – преку помал извоз, побавно вработување и послаба економска динамика. Затоа мораме да ги диверзифицираме пазари и да ја зголемиме конкурентноста на домашните компании.

-Можно е намалување на побарувачката за македонски извоз, особено во автомобилската и металопреработувачката индустрија, каде што германските компании се најголемите нарачатели. Тоа ќе значи помал прилив на девизи, ризик за пад на индустриското производство и потенцијално намалување на извозот во целина. Кризата во Германија може да влијае и на инвестициите – и директните германски вложувања кај нас, и реинвестирањето на профитот од постојните компании може да се успорат, што ќе има негативен ефект врз растот и вработувањето. Со оглед на тоа што германската економија е мотор на ЕУ, а македонската економија е силно поврзана со европскиот пазар, ова ќе се одрази на финансиите, побарувачката и очекувањата на инвеститорите, смета универзитетскиот професор и економски експерт, Синиша Наумоски.

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Синиша Наумоски

Според него, најважно е да имаме предвид дека ваквата криза не мора да значи само ризик – таа може да претставува и шанса.

-Германската економија е во процес на длабока ре-калибрација, особено во областите како одбранбената индустрија, енергетиката и новите технологии, каде што се очекуваат сериозни инвестиции и преструктурирања. Ако Македонија навреме се прилагоди кон овие нови трендови – преку стратешко позиционирање на своите компании, развој на квалификувана работна сила и создавање на поволна инвестициска клима – дел од тие нови синџири на вредности може да се прелеат и кај нас. Тоа би значело отворање на нови пазари, нови можности за соработка и долгорочна корист за нашата економија, смета Наумоски.

Економските аналитичари оценуваат дека кризата во Германија веќе две години се одразува врз македонската економија, поради што се намалува и извозот.

– Една од причините што економскиот раст во Македонија во последните две години е меѓу најслабите во регионот е токму рецесијата во Германија. Македонија е најмногу изложена кон германската економија од сите земји од Источна Европа, бидејќи над 50 отсто од македонскиот извоз завршува таму. Затоа и извозот паѓа неколку години по ред, поради слабата побарувачка од Германија. Германија веќе неколку години има пад на БДП и тоа се одразува врз македонскиот извоз, инвестиции и производство, оценуваат експертите.

Во Германија најпогодени се компаниите во секторите за транспорт и складирање. Зголемувањето на бројот на банкротирани компании беше очекувано со оглед на тоа што помина владината поддршка воспоставена за време на пандемијата на коронавирусот. Покрај тоа, високите цени на енергијата, бирократијата и политичката неизвесност придонесоа за зголемување на бројот на банкроти.

Б.С.