Во 21 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните на Република Северна Македонија можеа да гласаат на предвремените парламентрани избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
На денешните десети парламентарни избори, а петти предвремени избори право на глас имаа 1.814.263 граѓани, кои гласаа на 3.480 избирачки места. Овие избори се издвојуваат од досега одржаните во земјата бидејќи се организираат во состојба на пандемија на коронавирусот, гласањето за различни категории граѓани е три дена, а денешниот изборен ден трае два часа повеќе од вообичаеното и е прогласен за неработен.
Избирачките места во шесте изборни единици беа отворени во 7:00 часот, а гласањето заврши во 21 часот. Се гласаше за 15 политички партии и коалиции кои вкупно имаат 1.578 кандидати. Од нив, според статистиката на ДИК, 675 (42,78 отсто) се жени, а 903 (57,22 отсто) се мажи.
Денешниот изборен ден, според претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски помина мирно, со мали, спорадични инциденти, без нарушувања на изборниот процес.
До 19 часот на гласање излегле 830.370 граѓани со право на глас односно одѕивот е 45,77 проценти.
Сите вклучени во процесот и граѓаните кои одеа на гласање задолжително мораа да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот, а тоа се носење маска, држење растојание од метар до метар и половина, дезинфекција на раце при влез и при изле од гласачкото место.
Освен спецификата поврзана со коронавирусот, на овие избори првпат е дозволено да гласаат и лицата кои до 15 јули наполниле 18 години и се со важечки документи и не се организира гласање во дијаспората бидејќи немаше доволен број пријавени македонски државјани за гласање. Сепак, овие лица доколку беа во земјата денеска можеа да гласаат на избирачките места на адресата на која што се пријавени.
Вчера гласаа болните, немоќните и хронично болните лица, затворениците, лицата во домашен притвор и во старските домови. Според податоците од ДИК, вчера вкупно 7.861 болни и немоќни лица го оствариле правото на глас. Што се однесува до лицата кои се наоѓаат во домови за вонсемејна грижа, од вкупно 357 пријавени избирачи во оваа категорија, гласале 234, а во казнено поправни установи 1.235 лица.
Гласањето за овие избори почна во понеделникот, кога гласаа лицата со Ковид-19 и во самоизолација. Правото на глас го искористиле 723 лица заболени од Ковид-19 и во самоизолација.
Од гласањето во понеделникот и вчера ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност. Ливчињата остануваат запечатени во пликоата кои се наоѓаат во гласачките кутии до денот на изборите, односно до завршување на гласањето.
Првичните резултати од гласањето ДИК ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.