Затворска казна од 17 години за турскиот државјанин кој лани усмрти сонародник во кафуле во Штип

Турскиот државјавнин Кадир Кара е осуден на казна затвор од 17 години за убиството на својот сонародник во кафуле на штипскиот плоштад

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ТВ M-Net HD

На турскиот државјанин Кадир Кара, кој призна вина за убиството на негов сонародник во кафуле на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип му е изречена казна затвор од 17 години и протерување од државата, откако ќе ја издржи казната во македонски затвор. Пресудата ја изрече штипскиот Основен суд и истата е донесена откако обвинетиот даде изјава за признание на вина за кривичното дело убиство и неовластено држење на оружје.

Инаку денеска во штипскиот Основен суд во Штип продолжи судењето за останатите четири лица, кои се обвинети дека му помагале на Кара да го изврши убиството на турскиот државјанин. Во судницата денеска се изведуваа докази, а судскиот процес за обвинетите продолжува на 20 јануари во 10:30 часот.

Според обвинението, настанот се случил на 8 мај 2025 година, околу 21 часот во угостителски објект во Штип, каде што било пукано со пиштол кон Е. О. (25) од Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил однесен во Клиничката болница во Штип, каде што починал.

По преземените мерки и активности од страна на полицијата, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатната рампа Миладиновци било запрено патничко возило „БМВ“ со штипски регистарски ознаки. Притоа едно лице од автомоблот се дало во бегство, но брзо било фатено и заедно со останатите лишени од слобода.