Вечерва околу 19 часот и официјално заврши протестот против францускиот предлог, кој точно на пладне започне пред Собранието. Организаторите под мотото „Ултиматум – не благодарам” ги повикаа граѓаните да дојдат утре. Сепак, група демонстранти и натаму остана пред Собранието.
Во текот на денот, со свирежи, јајца и тоалетна хартија кон Собранието, граѓани излегоа на протест непосредно пред обраќањето на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен.
Многу од демонстрантите носеа транспаренти напишани на англиски јазик: „Ние сме Македонци“, „Срам за демократска Европа“ и „Македонците се борат за своите правдини“.
МВР соопшти дека приведени се пет лица поради фрлање со камења и тврди предмети кон полицајците.
Нов протест е најавен за утре во 11 часот, исто така пред зградата на Собранието.