Заврши одисејата на Македонија: За пласман на ЕП ќе причекаме во наредна прилика

од Nikola Popovski
356 прегледи

Македонската кошаркарска репрезентација не успеа да го добие решавачкиот дуел со потребната разлика за место на Европското првенство следната година,  откако денес победи со недоволна разлика на клучниот меч против Естонија (84-86) на квалификацискиот турнир во Перм, Русија.

Лошо прво полувреме за избраниците на Александар Тодоров. Кошаркарите направија недозволиви грешки, реализацијата беше под нивото, а во одбраната „дуваше промаја“, противникот лесно доаѓаше до нашиот кош. Имавме кратки добри моменти, почетокот во кој беше 5-5. Естонија пред крајот на првата четвртина дојде на двоицифрени 26-16.

Во вториот дел видовме една подобра Македонија. На самиот старт направивме серија од 8:0, дојдовме и на минус 4, но потоа Естонија повторно почна да игра подобра кошарка и одново ја вратија предноста.

Сепак, во последниот квартал, речиси 4 минути бевме без поени, направивме и многу грешки во додавања плус нерезонски шутеви, па ривалот го користеше тоа и кош за кош лесно ја чуваше позитивата од +6 +7.

Во завршницата, Вајли и Нено Димитријевиќ беа творци на еден мини-пресврт (81-80), а токму лидерот на шпанска Уникаха со тројка со звукот на сирената успеа да и донесе пирова победа на Македонија која остана со празни раце.

На крајот, Македонија во Перм одигра 5 натпревари, забележа 2 победи, 2 порази и не обезбеди пласман на Европско првенство. Од нашата група на ЕП2022 ќе играат Италија (еден од домаќините), Русија и Естонија.

Слични содржини