Министерството за внатрешни работи (МВР) ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека четири училишта на територија на Скопје добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
-Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, посочија од полицијата.
Ова е трета недела како стигаат мејлови со закани за бомби. Во изминатите неколку недели постојано средните училишта во градот Скопје се на удар на хакерски напади од страна непознати лица по кои полицијата се уште трага.
Сите досегашни закани полицијата ги провери и ги квалификува како лажни.
Министерот за внатрешни равботи Оливер Спасовски во неколку наврати повтори дека надлежните служби работат на откривање на сторилите, посочувајќи дека полицијата знае од каде пристигнуваат заканувачките мејлови.
-Во неколку правци одат истрагите. Имаме веќе добри сознанија од каде доаѓаат мејловите, на кој начин се испраќаат. Ќе ни треба и меѓународна правна помош за да можеме да ги потврдиме доказите и тоа е клучно кај вакви хибридни напади, да се обезбедат доказите, информира Спасовски.