Заврши рокот, голем дел од луѓето останаа со празни раце – за првпат, поголемиот дел од граѓаните не ги добија средствата од „Мој ДДВ“

„Срамота, иако не се многу пари, тие 2.100 ги одделувам и штедам за своите деца, бидејќи со мизерните плати не ни можеме ништо да заштедиме. Сега и тие не ги дадоа, не знам кај тераат“, вели Александра за нашата редакција, која е мајка на две деца.

од Vladimir Zorba
9 прегледи Фото: Локално

Денеска беше последниот рок за исплата на средствата од „Мој ДДВ“, а голем дел од граѓаните на земјава, не ги добија своите средства. Ова се случува за првпат од воведувањето на оваа мерка, која е една од ретките кои директно враќа средства кај граѓаните.

Се работи за редовниот поврат за последниот пресметковен период (јули, август и септември) кој пристигнува на трансакциските сметки за скенирање на фискални сметки. Ова е една од ретките мерки во која директно се враќаат средства кај граѓаните.

Во минатото, средствата беа исплаќани најдоцна до 10-ти во месецот. По доаѓањето на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ, тој рок се продолжи до крај на месецот. Но, заклучно со денеска, кој е последен ден од работната недела, тој рок ќе се пробие. Не е сигурно дали воопшто ќе се исплатат средствата од понеделник, 1 декември.

Управата за јавни приходи денеска соопшти дека заклучно со вчера исплатиле 552 милиони денари на граѓаните по основ на Мој ДДВ, а налозите за дополнителни 370 милиони денари, наводно, се веќе подготвени.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, посочи дека кај некои граѓани може да има застои поради технички причини, како невалидна трансакциска сметка.

Фото: Локално

Граѓани кои не ги добија своите средства од „Мој ДДВ“ за „Локално“ велат дека тврдењата на директорката не се точни, бидејќи досега редовно ги добивале своите средства, немале досега никакви проблеми со транскациската сметка, а и редовно ја ажурираат својата апликација на мобилните телефони.

„Срамота, иако не се многу пари, тие 2.100 ги одделувам и штедам за своите деца, бидејќи со мизерните плати не ни можеме ништо да заштедиме. Сега и тие не ги дадоа, не знам кај тераат“, вели Александра за нашата редакција, која е мајка на две деца.

„Се мислам дека ќе ја укинат и оваа единствена погодност која ја имавме. Се чудиме како издржа оваа мерка и досега. 1.500 – 2.000 денари добро ни доаѓаа, можев барем некоја сметка да платам“, вели Драган за Локално, пензионер, кој исто така е разочаран од овој исход.

„Не дека ми значат, ама зошто да не им ги дадат на луѓето? Толку многу се испокраде во државава, и ова остана да ни го „украдат“, ни кажа Петар од Скопје, студент.

На прашање кое „Локално“ го упати до УЈП пред дваесетина дена „дали се планира укинување на мерката МојДДВ“, оттаму ниту потврдија, ниту негираа.

Исплатата на средствата за скенирани фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ се врши во рок од 60 дена по завршувањето на кварталот. За третиот квартал (јули–септември), законскиот рок до кога треба да се изврши исплатата е до 30 ноември 2025 година.

Инаку граѓаните може во еден квартал да добијат поврат на ДДВ и до 2.100 денари, тоа значи дека доколку едно четиричлено семејство скенира редовно може да направи поврат од 8.400 денари за еден квартален период. За купување на македонски производи повратот е 20 отсто од ДДВ-то, додека за купување увезени производи тоа изнесува 10 отсто.

Претходно од УЈП информираа дека исплатата за вториот квартал од 2025 година (април – јуни 2025 година) е успешно реализирана. Исплатени се вкупно 881.020.500 денари, односно 14.324.725 евра, кон 502.983 корисници кои скенирале фискални сметки преку апликацијата.

В.З.

Слични содржини