Заврши скрининг процесот, патот за успешна евроинтеграција на С. Македонија е трасиран

од Stefanija Kuzmanovska
307 прегледи

Вчера, Во Брисел заврши последниот Билатерален состанок од Поглавјето 31 во рамки на Кластерот 6, во Европската Комисија, кој започна на 15-ти септември 2022 година.

Заменикот претседател на Владата за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија Бојан Маричиќ, во Брисел, посочи дека длабинскиот процес ја нагласува посветеноста за темелно внатрешно подобрување и сеопфатно усогласување со европските стандарди, што ја покажува решителноста и сериозноста на Владата.

На објаснувачките и билтералните скрининг состаноци учествуваа околу 1000 претставници на над 200 различни институции, а беа подготвени 850 динамични презентации, што е доказ за колективната посветеност на администрацијата и граѓаните за членство во ЕУ.

Со тоа е поставена солидна основа за продолжување на идните реформи, што ќе помогнат Северна Македонија што поскоро да стане полноправна членка на ЕУ.

Процесот на скрининг се одвиваше според утврдената динамика.

Од првата меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година кога официјално започнаа преговорите со Европската Унија, се одвиваа ажурирањата на објаснувачките скрининзи за европското законодавство од 2019 година, и билатералните скрининзи за сите 33 поглавја поделени во 6 кластери, имено следните кластери: Темели, Внатрешен пазар, Конкурентност и инклузивен раст, Зелена агенда и одржлива поврзаност, Ресурси, земјоделство и кохезија и Надворешни односи.

До крајот на годината се очекува доставувањето на клучните документи кои се обврска од Преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во членство во Европската Унија усвоена на 19 јули 2022 година, имено, Патоказот за владеење на правото, Патоказот за реформа на јавната администрација, како и Акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на малцинствата и заедниците.

Во текот на скринингот, сите институции посветено и одговорно дадоа огромен придонес за успешниот исход од овој процес, заедно со нашите најважни партнери, преставниците на Европската Комисија.

Благодарејќи на помошта и поддршката на преставниците на Европската Комисија, се постави здрава, цврста основа за понатамошно успешно спроведување на реформските процеси и усогласување со европските стандарди кои ќе значат и наше полноправно членство во ЕУ.

Патот за успешна евроинтеграција на Северна Македонија е трасиран и не смее да се дозволи попречување на процесите бидејќи тоа само ќе значи оддалечување на државата од ЕУ.

Оценката на Владата на Република Северна Македонија е позитивна за скринингот, а тоа го потврди и Европската Комисија во нивниот извештај за оваа година бидејќи штотуку потврди дека имаме солидно ниво на транспонирање, со тоа што наш најголем предизвик останува во областа на имплементација и градење капацитети и спроведување.

Со завршувањето на скринингот, од Република Северна Македонија се очекува да се преземат сите неопходни чекори за да се продолжи со динамиката на преговорите со ЕУ.

Прифаќањето на уставните измени останува единствен предуслов за да продолжиме напред, затоа од пресудно значење е сите политички актери во земјата да покажат зрелост и да одлучат за општото добро и за просперитетна иднина на нашата држава како членка на Европската Унија. Секое одлагање и ставање во неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство е неодговорна и опасна политичка одлука.

Слични содржини