Заврши увидот во „Глобал“, ќе се отвори сметка за солидарна помош

од Nikola Popovski
384 прегледи

Откако попладнето, заврши увидот во изгорениот ТЦ „Глобал“ во Струмица, на сопственците на деловните канцеларии и дуќани им беше дозволено да влезат во објектот. Десетина преставници од повеќе надлежни институции го почнаа увидот и постапката за прибирање докази со цел да се утврдат причините за големиот пожар кој предизвика милионски штети. Ангажирани се и вештаци од повеќе области.

Здружението за заштита на правата и интересите на трговците „Фер Есап“, ќе отвори посебна наменска сметка-фонд за солидарност, на која ќе може да се уплаќаат средства за санирање на штетите од пожарот во Трговскиот центар „Глобал“.

Ова е еден од заклучоците на Општинското координативно тело, кое попладнево беше формирано на иницијатива на градоначалникот Коста Јаневски. Во телото членуваат претставници од сите релевантни општински и државни институции и претпријатија, како и претставник на Здружението за заштита на правата и интересите на трговците „Фер Есап“, за справување со последиците од пожарот во Трговскиот центар „Глобал“.

Премиерот Зоран Заев вечерва изјави дека има информација дека системот на хидрофори кој треба да обезбеди брза и навремена реакција, не бил во функција, за што се понесува одговорност.

„Јас го оставам тоа на истрагата. Премиер не треба да коментира вакви случаи, зошто може да влијае на истрагата, зошто бев таму и разговарав со пожарникарите, со дуќанџиите. Цевка една која што влегува внатре на пазарот на хидрофорскиот систем била пукната порано, но целиот довод на хидрофорскиот систем, боците, сето тоа таму било присутно. Она што го знам од командирот на противпожарната станица, вика во првиот момент кога влеговме таму, двајца пожарникари се онесвестија. Немаше пристап, бидејќи пожарот избувнал во средината на пазарот, па се проширувал по околните дуќани. Целиот дел на топлината, на оганот бил токму од внатре, посебно зошто во тој дел биле патиките, кондурите, работи кои што имаат гума и таа топлина го има пробиено кровот на четвртиот спрат. Никој немал пристап до хидрантскиот систем.Очекувам да каже истрагата. Благодарност до пожарникарите, вработените во водовод. Добро е што нема човечки жртви. Сега треба да се покаже солидарноста. А Глобал е симбол на модерна европска Струмица, тој ќе се возобнови и воздигне од пепелта“, рече Заев.

Пожарот кој избувна во саботата вечерта речиси целосно го пеплоса првиот кат од трговскиот центар „Глобал“ во Струмица.

Борбата на противпожарните единици со пламените јазици траеше до раните утрински часови, а според првичните извештаи од терен, изгореа најмалку 10 дуќани и затворениот пазар во ТЦ.

 

Слични содржини