Вечерва нешто пред 22 часот заврши вториот ден од 81. седница на која се расправа за владината информација за францускиот предлог. Собранискиот претседател Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека истата ќе продолжи утре во 11 часот.
Денешниот ден во Собранието изобилуваше со навреди, тензии, проколнувања, а за влакно беше избегнат и физички инцидент, откако дојде до турканици помеѓу пратеникот на Левица, Димитар Апасиев и пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски.
Откако ќе се исцрпи дебатата, пратениците ќе гласаат за предлог-заклучоците подготвени од пратеничките групи на владејачката коалиција.
Пратеничката група на СДСМ предлага заклучоци за седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог, кои според нив, ги заштитуваат јазичните, идентитетски, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ заедно со Левица остро се спротивставува на усвојувањето на францускиот предлог бидејќи, како што тврдат, со него се спроведува бугаризација на С. Македонија.